Новиот министер Димковски ќе ги продолжи заедничките политики во секторот

Новиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, кој му беше долгогодишен соработник на досегашниот Љупчо Николовски се обврза дека ќе ги продолжи успешните политики и оти ќе го направи македонското земјоделство модерно и конкурентно

126

Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, вчера, се изврши официјално примопредавање на функцијата од стариот министер Љупчо Николовски на новиот Трајан Димковски. Новиот министер Димковски кој му беше долгогодишен соработник на Николовски се обврза дека ќе ги продолжи успешните политики и оти ќе го направи македонското земјоделство модерно и конкурентно.
Досегашниот министер Љупчо Николовски се осврна на сработеното во изминатите две години и изрази надеж дека новиот министер ќе ја продолжи системската работа и ќе продолжи да ги реализира започнатите работи.
– Воспоставивме пракса на навремена и неселективна исплата на субвенциите. Две години по ред земјоделците ги добиваат субвенциите тогаш кога им се најпотребни пред почетокот на производствената сезона. Ги исплативме и наследените долгови за субвенции од 2013 досега. По овој основ досега се исплатени околу 290 милиони кон граѓаните. Воведовме нов модел за повисоки субвенции кај тутунот. Со тоа ги мотивиравме земјоделците да произведуваат квалитетен тутун и да се постигне рекордно највисока цена на тутунот од 217 денари за килограм. Започнавме крупни капитални инвестиции во водостопанството што не биле забележани во изминатите 15 години, истакна Николовски.
Во таа насока истакна дека во иднина со финансиска поддршка на Европската Унија ќе се реализираат повеќе системи за наводнување.
-Во рамките на неговиот двегодишен мандат, како што рече беше воведена зелената нафта, ослободување на земјоделците од персонален данок, олеснителни околности за млади фармери, зголемување на поддршката на 20 илјади евра, ослободување на младите фармери до 40 години од концесија во првите три години, зголемена искористеност на ИПАРД фондовите, правилна и транспарентна распределба на државно земјоделско земјиште…
Најголем доказ дека земјоделството се движи во вистинска насока, според Николовски е зголеменото учество на земјоделството во вкупната економија во првиот квартал годинава за 13,6 отсто.
Новиот министер Трајан Димковски рече дека досега заеднички работеле на создавање на модерно и конкурентно земјоделство.
– Секогаш кога земјоделците се соочуваа со проблеми носевме интервентни мерки таму каде што беа потребни. Интервениравме за лубениците, индустриското јаболката, за грозјето, сливите, оризот…, истакна Димковски и додаде дека ќе работи на создавање услови за инвестиции во откупно-дистрибутивни центри. Преку овие инвестиции во земјоделско-преработувачката индустрија ќе се создадат услови за обезбедување на сигурен пласман, решавање на проблемот со вишоци и отворање на нови работни места.
Димковски додаде дека досега заеднички со стариот министер успеале да решат многу проблеми на земјоделците и се обврза дека во иднина ќе продолжи во таа насока. (А.С.)