Нова еко-училница во ОУ „Владо Тасевски“

61

Учениците, наставниот и административно – техничкиот кадар и родителите ја создадоа втората еко – училница во основното училиште „Владо Тасевски“ во населбата Козле.

Мотивирани од јавниот повик за најдобро уреден двор кој го распиша општина Карпош, оваа образовна установа повторно создаде зона за настава на отворено, каде младите ќе се дружат и рекреираат.

Како што соопштија од Општина Карпош, пластиката, палетите и гумените материјали добилеа нова употребна вредност и истите послужиле за креирање на нови клупи, саксии за цвеќиња, столчиња и сл.

Сите десет основни училишта од Карпош ја следат заложбата на локалната самоуправа за создавање на вакви еко – училници. Основната цел е учениците да се стимулираат на креативност, од рани години да развиваат навики за заштита на животната средина, за рециклирање на отпадот, но и за  чување на јавните добра.