Нова градинка во Драчево, ќе згрижува 110 деца

37

Нова детска градинка со капацитет да згрижи 110 деца наскоро ќе биде пуштена во употреба во населбата Драчево во општина Кисела Вода. Таа ќе има шест групи, две јасли за деца до две години, и четири групи за деца од две до шест години. Градинката е во финална фаза, останува уште хортикултурно да се доуреди и да се постави опремата.

– МТСП во соработка со Светска банка гради 16 детски градинки. Ова е една од нив која ќе биде завршена пред почетокот на новата година. Градинката е градена согласно најсовремените стандарди за изградба на објекти за згрижување деца од предучилишна возраст – рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска. 

Таа нагласи дека во текот на годинава биле отворени 15  градинки, а оти до крајот на годината ќе бидат отворени уште десет. Шахпаска истакна дека МТСП и натаму работи и на зголемување на професионалните перформанси на вработените затоа што, според неа, нашите деца го заслужуваат најдоброто.

Со отворањето на оваа градинка ќе се реши проблемот  проблемот за сместување и првична едукација на децата во населбата Драчево, а со тоа и во Кисела Вода.