Ни Жан Моне не може да ги смири ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

По подолг период, работната група во рамки на процесот „Жан Моне“ одржа состанок во Собранието, со цел измени во Деловникот, за во иднина да се спречи блокада на работата на Законодавниот дом. Интенцијата е да се донесе нов Деловник на Собранието, а не да се допрецизира постојниот. -Гледаме дека има попречување на работата на Собранието, а намерата е Собранието да биде функционално. Ако продолжиме со воспоставената пракса, тоа нема да служи никому“, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери

40

Во услови на дијаметрално спротивставени ставови, тешка политичка криза и генерално лоша меѓупартиска комуникација, партиите ќе направат обид да го менуваат текстот на собранискиот Деловник. По подолг период, работната група во рамки на процесот „Жан Моне“, одржа состанок во Собранието, со цел измени во Деловникот, за во иднина да се спречи блокада на работата на Законодавниот дом. На состанокот не дојдоа претставници од ВМРО-ДПМНЕ.

„Зошто власта го одбра токму денешниот ден кога веќе беше укажано и алармиравме дека имаме претходно закажани обврски и присуства на одредени состаноци и средби, не знам, меѓутоа од она што го имам како информација за кое што се зборувало во овој „Жан Моне-процес“, на кој што повторно морам да потенцирам дека најголемата пратеничка група во Собранието со 44 пратеници, не присуствуваше и не ги кажа своите забелешки е дека денеска се разговарало за одредени измени коишто би можеле да значат заобиколување на работата на работните тела, односно на Комисиите и токму тоа е интенцијата, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

Според Мицевски, власта не е спремна да трпи критика, не е спремна да слуша аргументи затоа што постојниот Деловник дава можност за ограничување на дискусијата на пленарна седница меѓутоа поголема можност за дискусија на работно тело односно на комисија.

-Јас повторно ќе кажам, ова се мои размислувања за интенциите на власта затоа што доколку беа на повисоко ниво, ќе побараа друг термин, односно ќе можевме утре или некој друг слободен ден да ја одржиме оваа средба. Но како и да е, начинот на којшто е одржан состанокот без учество на најголемата опозициска партија и коалиција фрла сомнеж, односно на целата кредибилност на овој процес.“, рече Мицевски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека на средбата било разгледувано носењето закони во редовна постапка. По обвинувањето дека ВМРО-ДПМНЕ не биле консултирани за датумот за одржување на состанокот, Џафери рече дека на втори овој месец ја закажал вчерашната средба и дека претходната била одложена токму по барање на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Џафери, намерата е да се има консензуално решение за Деловникот за работа на Собранието за да не се блокира неговата работа.

„Ја разгледувавме процедурата за закони кои се носат во редовна постапка и предлозите беа во насока во кој рок треба да заврши работа на работните тела и алтернатива, што во случај ако комисите не ја завршат работата. Не може пленумот да зависи од работата на работните тела. Предлозите се во насока да се надмине ситуацијата пленумот да зависи од работните тела. Ова што го разговаравме ќе биде доставено до опозицијата, ќе бидат прашани за предлози. Не е идејата да се одбегне учеството на опозицијата“, рече Џафери.

Тој посочи дека интенцијата е да се донесе нов деловник на Собранието, а не да се допрецизира постојниот.

-Гледаме дека има попречување на работата на Собранието, а намерата е Собранието да биде функционално. Ако продолжиме со воспоставената пракса тоа нема да служи никому“, рече Џафери.

Во годинешниот Извештај за напредокот на земјата на Европската комисија беа посочени низа забелешки за работата на Собранието, меѓу другото и дека „Парламентот треба без натамошно одлагање да ги спроведе договорените предлози за внатрешни реформи за време на третиот круг од ’Дијалогот Жан Моне’ на почетокот на 2020 година“.