Ниската излезност може да донесе концентрациона Влада или Влада за спас

Ако ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не учествува во изборната кампања, излезноста на изборите ќе биде под 40%, анализира професорот Владо Бучковски. Нужно е да се дојде до ново Собрание, кое ќе формира политичка влада или можеби концентрациона влада, или широка влада за спас. Професорот Светомир Шкариќ во изјава за весникот ВЕЧЕР вели: „во услови на ваква пандемија треба да има обединување на сите политички сили, но се тоа може да се случи после изборите. Треба да бидеме свесни дека формирањето на влада е неопходно, бидејќи освен што сме соочени со здравствена криза, за неколку месеци ќе бидеме соочени и со предизвикот за отпочнување на преговори со Европска Унија наесен„

2393

Без конкретен датум за парламентарни избори, денот за гласање и натаму е камен на сопнување меѓу власта и опозицијата. Во фокусот на препирањата и натаму е состојбата со коронавирусот, а ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не се поместуваат ниту милиметар од партиските ставови кога се во прашање изборите. Бројот на новозаболени и понатаму е најсилен аргумент за партијата на Христијан Мицкоски дека изборите не може да се случат на 5 јули. Од „Бихаќка„ пак, и понатаму се повикуваат на законот, и потенцираат дека нема отстапки од избори на 5 јули, бидејќи на граѓаните им се потребни функционални институции.

Во исчекување на евентуална нова лидерска средба, се засилуваат дипломатските пораки денот за гласање да биде договорен со консензус, и предупредуваат дека треба да се најде баланс помеѓу датумот за избори и јавното здравје.

За парламентарни избори не е потребен цензус, но ова сигурно ќе бидат избори за пратеници со најмала излезност досега, велат експертите. Гласачите се исплашени од ширењето на заразата, па неизвесно е дали ќе го остварат нивното право, доколку гласањето биде за еден месец.

Ако има мала излезност на изборите, и легитимитетот на идното Собрание ќе биде слаб, вели во изјава за весникот Вечер професорот Светомир Шкариќ.

-За парламентарните избори нема предвидено цензус. Цензус има за претседателски избори и за избор на градоначалници. Во секој случај, се разбира дека е добро да имаме поголема излезност. Ако излезноста е мала и легитимитетот на идното собрание ќе биде слаб.

Сега е вонредна состојба, а овие парламентарни избори ќе бидат во пандемија и се очекува помала излезност, но тоа не е пречка да се одржат бидејќи изборите се почнати пред вонредната состојба и треба да завршат. Нужно е да се дојде до ново собрание, кое ќе формира политичка влада или можеби концентрациона влада, или широка влада за спас. Во услови на ваква пандемија треба да има обединување на сите политички сили, но се тоа може да се случи после изборите. Треба да бидеме свесни дека формирањето на влада е неопходно, бидејќи освен што сме соочени со здравствена криза, за неколку месеци ќе бидеме соочени и со предизвикот за отпочнување на преговори со Европска Унија наесен, вели професорот Шкариќ.

Ако ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не учествува во изборната кампања, излезноста на изборите ќе биде под 40%, анализира професорот Владо Бучковски.

-Според мене, 22 дена по вонредната состојба, по сила на закон, ќе има избори. Тоа значи дека избори ќе има на 5 јули! Ако претседателот ја продолжи (на пример) за една недела вонредната состојба, изборите би биле на 12 јули итн, вели Бучковски.

 

Излезноста според моите анализи, ако ВМРО-ДПМНЕ не учествува во кампањата, ќе биде под 40 проценти, со нивно учество под 60 проценти! За овие избори нема цензус… Да не заборавиме за последните претседателски избори стравувавме дали во вториот круг ќе има излезност над 40 проценти (така беше и за изборите на кои за претседател беше избран Ѓорѓе Иванов), затоа што таму има цензус. Така што не е проблем излезноста, проблем е што во Македонија живеат околу 1,3 милиони полнолетни граѓани, а имаме гласачко тело од 1,8 милиони!

Да заклучам, ние за жал, заради распуштениот Парламент и функционирањето на техничка, а не политичка Влада, немаме друга алтернатива, освен брзи избори, изјави Бучковски за весникот Вечер.

Освен легитимитетот, доколку изборите се одржат за еден месец во прашање ќе биде доведен и нивниот легалитет.

Професорката Тања Каракамишева Јовановска во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека изложувањето на граѓаните и на изборната администрација на директна опасност со епидемијата повлекува кривична одговорност на сите учесници кои ќе инсистираат на одржување на вакви избори по секоја цена.

-И не е точно она што го зборуваат претставниците на владата дека согласно уредбата, Уставот и Изборниот законик единствен термин за одржување избори по истекот на вонредната состојба е 5 јули. Тоа се манипулативни изговори кои не се во корелација со уставните и законските одредби. Ако поради епидемијата предвремените избори не можат да се одржат, тогаш следниот уставен и законски рок се редовните парламентарни избори кои се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав, односно наесен.

Инсистирањето да се одржат изборите по секоја цена дури и во време на пандемија е сериозна активност што ја презема раководството на СДСМ за која најверојатно ќе сносат кривична одговорност, посебно ако за време на кампањата, за време на организирањето на изборниот процес се заразат многумина од редот на кандидатите за пратеници, членови на ДИК, членови на изборните комисии, избирачките одбори, набљудувачите на изборите, странските набљудувачи од мисијата на ОБСЕ, за кои не се знае дали воопшто би дошле во вакви опасни времиња во земјата, додава Каракамишева.

Без конкретен датум за избори, дел од политичките партии веќе понудија опции како да се гласа на изборниот ден. Една од нив е продолжување на времето за гласање за два до три часа, поради безбедноста на граѓаните.

Анкетите кои беа презентирани во изминатиов период покажаа дека речиси 70 отсто од граѓаните ќе излезат на гласање само доколку здравствените власти дадат зелено светло за тоа. Тие нема да се чувствуваат безбедно доколку тоа биде само со повик од политичарите.

Јованка Царулеска Груевска