Нинисто: Путин не е способен да прифати пораз во Украина

56
EPA-EFE/Chris Kleponis

Рускиот претседател Владимир Путин не е способен да го прифати поразот во Украина, изјави денеска финскиот претседател Саули Ниинисто на заедничката прес-конференција со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.

„Претходно реков дека ми е многу тешко да замислам дека Путин може да признае каков било пораз. Дали тој воопшто е способен за тоа? Тоа е прашањето. Мислам дека не е способен да го признае поразот“, рече Ниинисто.

Сторе рече дека не очекува преговори што ќе стават крај на руската агресија. За жал, тоа во моментов не ми изгледа возможно“, изјави норвешкиот премиер.

Двајцата нордиски лидери остро го осудија денешниот масовен руски ракетен напад врз градовите низ Украина. „Ова е неприфатлив напад врз цивили и кршење на сите принципи на хуманитарното право, меѓународните правила и прописи“, рече Сторе.

„Нуклеарните закани, мобилизацијата, лажните референдуми и анексијата на окупираните територии се едноставно неприфатливи. Таквите потези мора постојано да се отфрлаат од сите европски демократии“, додаде норвешкиот премиер.

„Она што сега се случува во Украина е бомбардирање на цивили и таргетирање на инфраструктурата која е многу важна за животите на цивилите. Се разбира, тоа е терор. За жал, ми се чини дека тоа создава нова промена во војната, ескалација на целата ситуација“, изјави Ниинисто.