Нивото на морето ќе се покачи за 30 сантиметри – тоа е готов процес, и не може да се запре!

650

Експертите од Геолошкиот институт на Данска и Гренланд забележале промени во обемот на ледената покривка на и околу Гренланд

Топењето на мразот на Гренланд ќе предизвика глобалното ниво на морињата да се зголеми за речиси 30 сантиметри во блиска иднина, а новото истражување вели дека нема начин да го спречиме тоа, дури и ако денес престанеме да испуштаме стакленички гасови.

Според една нова студија, вкупната загуба на мраз од ледената покривка на Гренланд ќе предизвика зголемување на нивото на морињата за најмалку 25 сантиметри, без оглед на можните сценарија за глобално затоплување.

Експертите од Геолошкиот институт на Данска и Гренланд забележале промени во обемот на ледената покривка на и околу Гренланд. Тие откриле дека околу 3,3% од ледената покривка на Гренланд, што е еквивалентно на 110 трилиони тони мраз, сигурно ќе се стопи.

„Порастот на нивото на морето ќе се зголеми поради овој процес, без оглед на тоа што се случува овој век со климатските промени“, рече геологот Џејсон Бокс од Геолошкиот институт на Данска и Гренланд, како што пренесува Си-Ен-Ен.

Научниците не го утврдиле точниот датум на покачувањето на глобалното ниво на морињата, но наведуваат дека тоа би можело да се случи во секое време до крајот на векот. Наодите доаѓаат по извештајот за порастот на нивото на морињата во 2022 година, објавен претходно оваа година од Националната океанска и атмосферска администрација на САД (NOAA).

Во извештајот се наведува дека на бреговите на САД во следните 30 години може да се очекува покачување на нивото на морињата од 25 до 30 сантиметри, што ќе предизвика плимни поплави 10 пати почесто и ќе овозможи брановите на бури да се шират подлабоко во внатрешноста.

Гренланд има доволно мраз што, доколку се стопи, би можело да го подигне глобалното ниво на морињата за приближно 7 метри. Експертите посочуваат дека подигнувањето на нивото на морињата од, да речеме, 6 метри не значи дека ќе се подигне рамномерно во целиот свет, односно дека овој процес ќе доведе до уништување на некои области, додека нивото на морињата може да опадне во други.

Неколкудневното несоодветно топло време во северен Гренланд неодамна предизвикаа брзо топење на ледената покривка. Само меѓу 15 и 17 јули на најголемиот остров во светот дневно се топеле 6 милијарди тони мраз, што е доволно да се наполнат 7,2 милиони олимписки базени.

Истражувањето, насловено како Greenland ice sheet climate disequilibrium and committed sea-level rise е објавено во списанието Nature Climate Change.