Соборен е уште еден рекорд во Формула 1, кој беше во сопственост на легендарниот Михаел Шумахер, а го постави Кими Риконен (40), во петтата трка од сезоната која се возеше на патеката во Силверстон, за 70-годишнината од првото Гран-при во историјата на најбрзиот циркус на денешницата.

Финецот беше светски шампион во болидот на Ферари во 2007 година, а во Формула 1 е од 2001 година, но не возеше во сезоните 2010 и 2011 година, затоа што се обиде во рели-трките и НАСКАР. Тој во моментов е во тимот на Алфа Ромео Рејсинг и е далеку од славните денови кога постојано беше дел од подиумот (103) и победите (21).

Оваа сезона никако да му тргне од рака. Тој е еден од четворицата возачи од вкупно 21, кои не освоија ниту еден бод на петте трки оваа сезона. Легендарниот Раиконен во 2020 година не заврши ниту една трка меѓу десетте најдобри. Но, финскиот возач, иако не дојде до бод, успеа да постави нов рекорд во Формула 1, кој беше во сопственост на легендарниот седумкратен шампион – Михаел Шумахер. На трката за Големата награда на Велика Британија, која беше наречена „Гран-при 70-годишнина“, постави рекорд по бројот на извозени кругови во историјата. Севкупно, Раиконен има извозено 16.845 круга во кариерата, со кои го мина Шумхер кој има 16.825.

Интересно е што Финецот сигурно ќе собори уште еден долгорочен рекорд во овој спорт, без да мора да освои ниту еден бод, врз основа на бројот на трки на кои стартувал. Тој во моментов има 317 трки, а пред него е само Бразилецот Рубенс Баричело со 322 трки.