Не е априли-ли-ли, малите пензии ќе пораснат едвај за 600 денари, поголемите за 3.000 денари 

В понеделник, исплата на мартовските пензии, зголемени за 5,3 %

4521

В понеделник, први април, вкупно 337.000 пензионери ќе ги добијат своите мартовски пензии. Тие ќе бидат повисоки за 5,3 %, пресметани според новата методологија и усогласувањата според трошоците на живот. Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, два пати во годината има вакви усогласувања – во марти и во септември. Најголемиот дел од македонските пензионери, дури 40 %, ќе добијат зголемување на пензијата од  662 до 850 денари. Пензиите, по новата методологија, се усогласуваат од март 2022 година

 

В понеделник, први април, вкупно 337.000 пензионери ќе ги добијат своите мартовски пензии. Тие ќе бидат повисоки за 5,3 %, пресметани според новата методологија и усогласувањата според трошоците на живот. Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, два пати во годината има вакви усогласувања – во марти и во септември.

– Пресметките покажуваат дека, зависно од групата, пензионерите може да очекуваат зголемување од 600 до 3.000 денари – велат од ресорното Министерство и дополнуваат дека најниската категорија пензии е од 12.500 до 16.000 денари.

Најголемиот дел од македонските пензионери, дури 40 %, ќе добијат зголемување на пензијата од  662 до 850 денари.

– Околу 93.000 пензионери земаат пензија од 20.000 до 32.000 денари, а нивното усогласување ќе биде од 1.060 до 1.696 денари – пресметале од ПИОМ.

Најголемо усогласување ќе имаат оние пензионери што земаат највисоки пензии. Во оваа група се пензиите на оние што земаат меѓу 30.000 и 50.000 денари. За нив, зголемувањето ќе биде од 1.590 до  2.650 денари, додека оние што земаат пензија повисока од 54.000 денари – ќе добијат зголемување од околу 3.000 денари.

Пензиите, по новата методологија, се усогласуваат од март 2022 година. Се работи за комбиниран модел во кој се земаат предвид 50 % пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50 % пораст на трошоците за живот, а се земаат предвид официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

Минатата година, пензионерите протестираа со месеци за достоинствен живот. Тие бараа линеарно да се зголемат пензиите за 3.000 денари, оти кај малите пензии, со новата методологија, има најмало зголемување. Но, со растот на минималната, која веќе достигна 22.576  денари и просечната од речиси 40.000 денари, тие бараат линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари.

Деновиве, најгласни се пензионерите од Штип и од Свети Николе, кои  повторно излегоа на протест со истото барање – линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари, а минималната пензија да не е под минималната плата.

Според статистичките податоци на Пензискиот фонд на Македонија, исплатени  се вкупно 329.354 пензии, од кои најголемиот дел, 226.894, се старосни пензии, 73.799 се семејни пензии, 27.742 инвалидски, 860 воени и само 59 земјоделски пензии. Така, во Македонија, најбројни се пензионерите што примаат пензија над 20 илјади, тоа се 94.576 лица, што е речиси 29 % од сите пензионирани лица. По нив следуваат 89.137 пензионери со месечен приход до 12 илјади денари и 86.446 пензионери до 16 илјади денари. Најмала група од 59.195 пензионери е онаа што прима пензија од 16 до 20 илјади денари, што е околу 18 % од вкупниот број пензионери во земјава.

Највисоки просечни пензии од приближно 28 илјади земаат воените пензионери, а на лицата што добиваат старосна пензија, просечно месечно, на сметка им легнуваат околу 20 илјади денари. Според анализите на ПИОМ, најниска е просечната земјоделска пензија – околу 10 илјади, а по нив следуваат просечните семејни пензии, кои изнесуваат околу 15 илјади денари.

(В.Ма.)