Нема согласност во Советот на Охрид за утврдување динамика за отстранување на дивоградбите на плажите

47

Советот на Општина Охрид не го донесе Планот за отстранување на бесправно изградените објекти на плажите на езерото, а се однесува на оние плажи на кои им се истечени договорите за концесија.

Против предлог-одлуката за динамичен план на отстранување на бесправно изградени објекти – плажи гласаа советниците на опозицијата. И позицијата и опозицијата со меѓусебни обвинувања, а фактичката состојба укажува дека се работи повторно за обид за политизација на прашањето.

Ристо Николески од СДСМ изјави дека опозициските советници не работат во интерес на граѓаните и Охрид, а со популистички постапки сакаат да заработат евтини политички поени.

– Целта на оваа локална власт е да воведе ред во незаконското и противправно узурпирање на плажите за дивоизградени шанкови, платформи, натстрешници, помошни објекти без договори за закуп…Ова што го прави опозицијата е популистички чин само за спречување на реализирање на законските решенија што се донесени. Сега останува инспекторатот да постапува согласно доспеаните решенија, наместо како што предвидуваше планот – согласно истекувањето на договорите, рече Николески.

Станува збор за 14 плажи, од кои договорите за концесија на некои им се истечени дури и од 2013 година.

Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, пак, со став дека Советот нема никаква надлежност околу постапувањето со плажите, а планот претставува само обид за делење на одговорноста на градоначалникот со Советот.

– Ние како советници ниту издаваме плажи, ниту потпишуваме, ниту раскинуваме договори. Советот само има ингеренции во утврдувањето на почетната цена за концесиите. Градоначалникот и инспекциските служби имаат овластувања да постапуваат согласно постојните решенија, рече Пецаков.

Останува нејасно како ќе се реализираат заложбите за воведување ред по прашањето, дотолку повеќе што неколку состави на локалната самоуправа наназад не покажаа капацитет да стопанисуваат со плажите.