Нема повеќе сообраќаен хаос во клиничкиот кампус

89

Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ доби сосема нов лик, а повеќе нема сообраќаен хаос. Како што информираат од Министерството за здравство, во клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ во Скопје во изминатиот период интензивно се работи за подобрување на инфраструктурата.

Притоа, реконструирана е и рехабилитирана постоечката улична мрежа. Проблемот со влезовите и излезите од комплексот кон градските улици е целосно решен. Воедно, поставена е вертикална и хоризонтална сигнализација за правилно насочување на сообраќајот. Обележани се пешачките зони, поставено е ново улично осветлување. Проширени се тротоарите. Создадени се услови за движење на возила за итна медицинска помош, патеки за посетители и лица со медицински помагала и велосипеди.

-Извршено е хортикултурно уредување на парковите и јавните простори низ комплексот. Поставена е нова урбана опрема, а во непосредна околина на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во кампусот на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ интервентно е расчистен теренот од старите, дивовселени објекти. Со ова, се оформи и директен пристап до Инфективната клиника од улицата „Белградска“, за да се сепарира движењето на пациентите со симптоми на ковид-19 од другите пациенти кои влегуваат на главната капија на клиничкиот кампус – соопштија од министерството.

Од министерството потсетуваат дека овој месец беше пуштена и монтажната модуларна болница за потребите за дополнување на болничкиот капацитет на Инфективната клиника.