Нема основа за продолжување на постапката, обојувањето на водите на Вардар најверојатно е од ’рѓа

66

Според Државниот инспекторат за животна средина нема основа за понатамошно продолжување на инспекциската постапка, откако вонредниот инспекциски надзор на реката Вардар покажал дека обојувањето на водите кое беше забележано на денот на изборите, најверојатно настанало од ’рѓа.

-Се претпоставува дека обојувањето на водата е предизвикано при испирање на површина која содржи примеси на метали (’рѓа) со чиста вода, се вели во соопштението од Државниот инспекторат за животна средина.

Оттаму, посочуваат дека на 15 овој месец, кога била добиена дојавата за екоинцидент, биле извршени два вонредни инспекциски надзори во комплексот на поранешна Железара, кај правни субјекти кои имаат отпадни води од технолошки процес и се носители на А-Интегрирани еколошки дозволи, како што се „Либерти“ и „Макстил“. Анализите покажале дек нивните отпадни води се безбојни.

Од страна на Центарот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ се добиени податоци на 21 јули 2020 година од хемиското тестирање од примерокот кој има талог со портокалова боја за pH железо, манган ХПК (бихромат), БПК за пет дена, нитрати, сулфати, хлориди, суспендиран материјал и електрична спроводливост.

Како што наведуваат од Државниот инспекторат за животна средина, може да се каже дека pH вредноста во водата е неутрална со вредност од 7.08, има зголемување на суспендираните материи кои претставуваат неутрализиран талог кој содржи железен хидроксид кои доведуваат до обојување на водата.

Исто така, електро спроводливоста на водата е со минимално зголемување кое не е штетно по живиот свет во водата.