Нема веќе Лас Вегас, комарџиите се селат во подруми, ќе се игра на црно?!

Со законските измени, 10 илјади луѓе ќе останат без работа, а државниот буџет покус за 280 милиони евра

401

Со предложените законски измени, Владата, всушност, предлага целосно затворање на оваа економска гранка на игри на среќа од која егзистираат  илјадници работници и нивните семејства. Горан Стоименов, претставник на Асоцијација на приредувачи на игри на среќа (АПИС) за весникот ВЕЧЕР вели дека ќе останат без работа околу 10.000 работници, а државниот буџет ќе остане покус за 280 милиони евра. Според АПИС, кога нивните уплатно-исплатни места ќе се затворат, автоматски ќе предизвика игри на среќа да се играат на црно, во подруми, како децении наназад

 

 

Владата почна процесот на затворање на игрите на среќа во Македонија, а  околу 10 илјади вработени во овој сектор ќе останат без работа. Со тоа на  годишно ниво ќе се осиромаши државниот буџет за 280 милиони евра. Вака реагираат од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), во  отвореното писмо до Владата, за предложените измени на Законот за игри на среќа и забавни игри кои со одлука беа донесени на последната владина седница.

Овие законски измени се изготвени од Министерството за финансии, со цел  да се заштити младата популација, а во иднина  уплатно-исплатните места, во кои се приредуваат игрите на среќа, да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта.

-Со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта, односно не го утврдува ваквиот критериум – појаснуваат од Владата и дополнуваат дека со измените треба да има и зајакнување на доказите потребни за издавање на лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид игра на среќа.

Со предложените измени се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа. Горан Стоименов, претставник на Асоцијација на приредувачи на игри на среќа (АПИС), за весникот ВЕЧЕР посочува дека предложените измени на Законот за игри на среќа и забавни игри, Владата ќе се обиде да ги турка во Собрание на брза лента со Европско знаме.

-Во превод, со Европско знаме, по скратена постапка ќе им ја укине работата на 10 илјади луѓе и ќе го осиромаши државниот буџет за 280 милиони евра на годишно ниво. Сето ова во услови на невидена економска криза, најголема после Втората светска војна – реагираат од АПИС.

Според нив  дислокација на објектите каде што се организираат игри на среќа е многу тешко изводлив на терен, бидејќи во согласност со постојните урбанизација, дистанцирање на одреден објект на 500 метри од едно училиште, ќе го приближи истиот објект на помалку од 500 метри до друго училиште.

-Затоа, одговорно тврдиме дека предложената дистанца од 500 метри во својата суштина значи дека Владата, всушност, предлага целосно затворање на оваа економска гранка. Ќе се затвори 100% законски бизнис што автоматски ќе предизвика игри на среќа да се играат на црно, во подруми, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите од играње во диви играчници ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци – децидни се од Асоцијацијата

Европејците не ја прифаќаат тезата дека потенцијалната зависност од игрите на среќа се решава со нивно затворање, како што ни потенцијалната зависност од алкохол и никотин никаде не се решава со затворање на кафулињата, тобаката и продавниците за алкохолни пијалаци.

Ние, генерално, не сме против измени на Законот за игри на среќа и забавни игри, туку сме против нелогични, погрешни, популистички и политички мотивирани измени. Ние сме претставници на реномирани странски компании од ЕУ, кои индиректно помагаат меѓу 54 илјади до 100 илјади работни места во земјата и ред е да бидеме третирани од државата во која инвестираме со години на ист начин како и другите странски инвеститори – велат од АПИС.

Според Стоименов, тие како асоцијација имаат одговорност да ги заштитат своите вработени.

-Имаме одговорност да ги заштитиме нашите вработени и огромните инвестиции кои ги имаме направено во Македонија. Ќе се бориме до крај против неправдата со сите демократски средства. Кога надлежните институции не сакаат да ги слушнат нашите аргументи, ќе бидеме принудени да излеземе на масовни протести. Пред целата јавност ќе покажеме дека и во оваа економска гранка работат луѓе од крв и месо, родители на малолетни деца кои чесно си ги заработуваат платите и не сакаат да бидат избркани од сопствената држава – вели за весникот ВЕЧЕР, Стоименов.

Тој потсетуваат дека лани на 16 ноември, со писмени барања адресирани до Владата и Министерството за финансии, побарале нивни правни тимови да бидат вклучени во процесот на изработка на предложените измени со цел нивното искуство да биде искористено за изработка на одржливо законско решение.

-За жа,л никој не ја побара нашата експертиза и знаење. Затоа треба да преземат и  одговорност за штетните последици кои ќе следат доколку овие законските измени стапат на сила. Тие вешто прават притисок врз политичките партии и суптилно се обидуваат да ги инволвираат и верските заедници. Ова е недозволиво и претставува злоупотреба на верските чувства на граѓаните за оцрнување на секој што има допирна точка со игрите на среќа – велат од Асоцијацијата и нагласуваат кон нивните вработени да ги заштитат.

(В.Ма.)