Летниот преоден рок и официјално е завршен, но не се најде јунак за да го сруши рекордот на Жоао Феликс. Португалскиот интернационалец кој има само 19 години, е на врвот од списокот со десет најскапи трансфер и тоа со обесштетување од 126 мил. евра, кое Атлетико (М) ѝ го исплати на Бенфика.

Тој рекорд требаше да биде срушен од Неимар, најскапиот играч во фудбалската историја, но сепак Барселона и ПСЖ не постигнаа договор после напорната и досадна сапуница која траеше цело лето. Интересно помеѓу 10-те најскапи има дури четири дефанзивци.

1.Жоао Феликс (126 мил. евра)

Атлетико (М) одвои неверојатни 126 мил. евра за обесштетувањето на големиот талент од редовите на Бенфика, кој е програмиран да биде наследник на Антоан Гризман. Иако има само 19 години, од него се очекува да биде лидер, а првенецот го постигна на неделниот дуел против екипата на Еибар. За време на подготвителниот период Феликс одигра совршено во триумфот од 7:3 над градскиот ривал Реал (М).

2.Антоан Гризман (120 мил. евра)

Французинот со години беше поврзуван со каталонскиот гигант Барселона. Најдобриот играч на Атлетико (М) беше купен за 120 мил. евра и на тој начин стана дел од опасното напаѓачко трио со Лионел Меси и Луис Суарез. Актуелниот шампион на Шпанија се обиде да ги осигура и услугите на Неимар, но на крајот мораше да се задоволи со 28-годишниот светски шампион.

3.Еден Азар (100 мил. евра)

Зинедин Зидан имаше потреба од нова суперѕвезда, од играч кој може со еден потег да го реши натпреварот и противникот. За да ги осигураат услугите на 28-годишниот Белгиец, челниците на Реал (М) на Челзи му исплатија 100 мил. евра. За време на официјалната промоција, фановите на „Сантијаго Бернабеу“ го скандираа името на Килијан Мбапе. Офанзивниот играч за врска моментално е повреден, а од него се очекува да биде достоен наследник на Кристијано Роналдо.

4.Хари Мегваер (87 мил. евра)

Репрезентативецот на Англија е најскап дефанзивец во фудбалската историја. Манчестер Јунајтед одвои 87 мил. евра за обесштетувањето на стандардниот првотимец во дресот на Лестер. Според фудбалските стручњаци, Мегваер е еден од најдобрите дефанзивци на денешницата и во Премиер лигата. Иако има 26-години, се уште има простор за напредок.

5.Матијас Де Лихт (85.5 мил. евра)

Имаше вербален договор со Барселона, беше желба на ПСЖ, а Манчестер Јунајтед го одби без размислување. На крајот заврши во редовите на Јувентус за 85.5 мил. евра и неколку недели беше сопственик на епитетот најскап дефанзивец во фудбалскиот свет. Неколку недели подоцна, Хари Мегавер постави нов рекорд, а 20-годишниот холандски интернационалец нема по убаво да го памети дебито во италијанската Серија А. Поранешниот капитен на Ајакс беше еден од најслабите играчи за време на дерби пресметката против екипата на Наполи (4:3).

6.Лукас Хернандез (80 мил. евра)

Уште еден дефанзивец на елитниот список. Трансферот на Лукас беше договорен за време на зимскиот преоден рок. Баерн (М) го прифати побараното обесштетување на Атлетико (М) од 80 мил. евра, а 23-годишниот француски интернационалец кој ја освои светската титула на Мундијалот во Русија може да игра и како централен дефанзивец и како лев бек. Раководните лица на баварскиот гигант имаат големи очекувања затоа што станува збор за најскапо засилување во клупската историја.

7.Николас Пепе (80 мил. евра)

Сензацијата од изминатата сезона во француската Лига 1, ги засили редовите на Арсенал за 80 мил. евра. Брзоногиот 24-годишен напаѓач беше можеби најголемо освежување кога е во прашање европската клупска сцена, а за неговиот потпис „топчиите“ водеа голема борба со сите европски гиганти. Треба да биде од помош кога е во прашање борбата за Лигата на шампиони, а веќе на стартот има одлична соработка со Обамејанг и со Лаказет.

8.Френки де Јонг (75 мил. евра)

Уште еден трансфер кој беше договорен во јануари. Најдобриот мал играч за врска ги напушти редовите на Ајакс и го облече дресот на Барселона за 75 мил. евра. Каталонскиот гигант сака Де Јонг да биде главната алка во средниот ред. Во прилог му оди и фактот дека Серхио Бускец игра под очекуваното ниво веќе со месеци.

9.Роди (70 мил. евра)

Списокот не би бил комплетен доколку на истиот го нема актуелниот шампион на Англија, тимот на Манчестер Сити. „Граѓаните“ ги осигураа услугите на Роди, а Атлетико (М) заработи околу 70 мил. евра. Шпанскиот интернационалец е дефиниран како наследник на Бразилецот Фернандињо. Пеп Гвардиола е голем фан на ваквите играчи, а Роди веќе има статус на стандарден првотимец.

10.Жоао Кансело (65 мил. евра)

Португалскиот бек Жоао Кансело го комплетира списокот со најскапи засилувања. Манчестер Сити на Јувентус му исплати 30 мил. евра и во обратната насока го испрати Бразилецот Данило. Според Трансфермаркет, Данило вреди околу 35 мил. евра и затоа Кансело е дел од одбраното друштво. Португалецот моментално е закован за резервната клупа и чека кикс на стандардниот Кајл Вокер.