Неизбежна на трпезата: Кралицата на предјадењето „руска салата“ по оригинален рецепт

928

Тешко е да се замислат празници без руска салата. Ја сакаат речиси сите, но малкумина го знаат оригиналниот рецепт, и честппати се двоумат – дали се става јајца во салатата, се прави ли со шунка или пак со пилешко бело месо…Затоа е добро да се знае оригиналниот рецепт за познатата „руска“.

Она што ние го нарекуваме руска салата, Русите го нарекуваат – салата Оливие. За првпат е направена уште во 1860 година од страна на Лусиен Оливие, шеф на познатиот француски ресторан Ермитаж во Москва, пишува 196flavors.com.

За разлика од салатата како што ја знаеме денес, Оливие тогаш го користел она што го имал од намирници, во зависност од сезоната, така што во неговата салата имало и телешки јазик, кавијар, ракчиња, капари, пушено месо, јајца, краставици. Сосот што покрај останатите намирници се ставал во салатата, отсекогаш бил тајна, иако можеме да претпоставиме дека станува збор за еден вид мајонез.

Ева како од прилика тоа го правел Оливие:

  • 200 гр варено или печено телешко месо
  • 150 гр димена шунка
  • 100 гр варено или печено пилешко месо
  • 5 тврдо варени јајца
  • 5 поголеми компири
  • 4-5 варени моркови
  • 5 кисели краставички
  • 250 гр варен грашок
  • 1 мала главица варен карфиол
  • 250 гр мајонез
  • магдонос, кругови кисели краставици и лимон за гарнирање. 

Подготовка: 

Исечете ги сите состојки на коцки, додадете грашок и половина мајонез и мешајте лесно. Ставете го во сад за сервирање, прелијте го со остатокот од мајонезот, украсете со прстени кисели краставички и лимон и чувајте ја на ладно додека не ја сервирате.