Телевизиската серија „Чернобил“, посветена на оваа светска катастрофа , предизвика несекојдневен интерес и лавина реакции кај гледачите низ целиот свет. Она што остава посебен впечаток е актерската екипа која е бирана така да секој глумец неверојатно личи со вистинскиот лик. Колку е во тоа успеано, заклучете сами…

Валериј Легасов – Џаред Харис

 

 

Хемичарот Легасов, и првиот заменик на директорот на Институтот за нуклеарна енергија „Курчатов“. Веднаш по несреќата бил испратен во Чернобил за да учествува во елиминацијата на последиците од истата. Тој донел одлука запалениот реакторот да се посипе со смеса, мешавина на бор и песок. Извршил самоубиство две години по трагедијата, оставајќи аудио снимки со претходно непознати детали за истрагата и операцијата за елиминирање на последиците.

Људмила Игнатенко – Џеси Бакли

 

Људмила Игнатенко е жената на пожарникарот кој го гаснел пожарот. Била бремена, но сепак го посетила својот сопруг во московската болница каде што тој бил префрлен и со него била во последните денови од неговиот живот, не знаејќи дека тоа е опасно. Детето ѝ починало кратко по неговото раѓање. Људмила сè уште живее во Киев. Во меѓувреме таа родила друго, здраво дете. Интересно е, пак, што актерката Џеси Бакли неодамна ја играше руската аристократа Марија Болконска во екранизацијата на „Војна и мир“ на Би-би-си.

Василиј Игнатенко – Адам Нагајтис

 

Сопругот на Људмила Игнатенко земал слободен ден на 26 април 1986. Тие планирале да одат на пикник во природа, но таа судбоносна ноќ бил повикан да го гаси пожарот во Чернобил и повеќе не се вратил дома. Људмила на погребот ги носела чевлите на нејзиниот маж, бидејќи не можеле да бидат ставени на неговите отечени нозе.

Борис Шчербина – Стелан Скарсгорд

 

Кога се случила катастрофата во Чернобил, Шчербина бил заменик-претседател на советската влада, и во тоа својство бил испратен да учествува во отстранување на последиците од несреќата. Тој ја организирал евакуација на луѓето од градот Припјат и многу други акции, од гаснење на пожари до деконтаминација на теренот. Шчербина во Втората светска војна раководел со снабдување на војската преку железница, за наскоро потоа да направи голем чекор во кариерата – тој беше назначен за раководител на Комунистичката партија во Сибир, каде што му била доверена изградбата на браните во Иркутск и Братск, градење на цели градови во регионот и многу други задачи. По Чернобил, тој ја предводел операцијата за отстранување на последиците од силниот земјотрес што ја погодил Ерменија во 1988. Починал во 1990 година.

Анатолиј Дјатлов – Пол Ритер

 

Според официјалната истрага и одлуката на судот, заменик главниот инженер на нуклеарната централа Чернобил, Анатолиј Дјатлов бил еден од виновниците за трагедијата, бидејќи спровел тестови кои не биле безбедни. Тој бил осуден на десет години затвор, но бил ослободен порано поради синдромот на зрачење и бројните писма на активистите за човекови права, вклучувајќи го и Андреј Сахаров. Дјатлов починал во 1995 година.

Виктор Брјуханов – Кон О’Нил

 

Луѓето кои биле директни сведоци на хаваријата ја критикуваа серијата, бидејќи Брјуханов во неа е портретиран еднострано, поточно речено како „мекуш”. Вистинскиот Брјуханов не го разбрал вистинскиот размер на трагедијата. Тоа било прва нуклеарна катастрофа во советската историја и никој не знаел што треба да се прави. Покрај тоа, Брјуханов очигледно се плашел на раководството да му ја соопшти вистинската состојба во врска со трагедијата, бидејќи во тој случај  веднаш ќе останел без работа. Заедно со Дјатлов, бил осуден на десет години затвор. Сега живее во Киев.

Николај Фомин – Адријан Ролинс

 

Според еден вработен кој му бил подреден, главниот инженер Фомин воопшто не бил „крадец“ (како што е прикажано во серијата). Тој, исто така, бил осуден на 10 години затвор, како Дјатлов и Брјуханов. За време на истрагата, тој бил држен во притвор, каде што, како што пишувале медиумите, се обидел да изврши самоубиство. Тој е сè уште жив, но не се појавува во јавноста. Медиумите често користеле еден од неговите цитати: „Претходно мислев дека машините се најважниот дел од работата во фабриката. Но, се чини дека луѓето сепак се најважни. Ја потценив нивната вредност.”

Леонид Топунов – Роберт Емс

 

Овој висок инженер за контрола на реакторот бил во контролната соба кога првата експлозија ја потресла зградата. Всушност, тој се спротивставил на продолжувањето на експериментот на Дјатлов, бидејќи реакторот не бил подготвен. Во обидот повторно да го вклучи снабдувањето со вода на реакторот, тој се изложил на смртоносна доза зрачење и починал неколку недели по несреќата во московската болница.

Михаил Горбачов – Давид Денсик

 

Во руските медиуми, најмногу критики се посветени на начинот на кој Горбачов е прикажан во серијата. Се вели дека е претставен еднострано и гротескно. Некои коментатори напишале дека тој во серијата повеќе наликува на Сталин, иако со него не може ниту да се спореди (за потсетување катастрофата во Чернобил се случува пред периодот на “гласност”, односно слободата на говор и перестројката иницирана од Горбачов). Горбачов бил првиот кој признал дека трагедијата во Чернобил е една од причините за распадот на СССР. Тој изјавил за медиумите дека ќе ја погледне серијата и ќе го даде своето мислење за неа, но тоа сè уште го нема направено.

Извор: Russia Beyond