Интернационалниот шампион во ММА, Македонецот Дејан Стефаноски, до сега покажа дека е страв и трепет за противниците во октагонот, а најдобра илустрација за тоа се деветте победи во десет натпревари кои ги има до сега, меѓу нив секако и освојувањето на најзначајното одликување – шампионскиот појас до 84 килограми. Тој во интервју за дневниот весник „Вечер“ откри како течат подготовките околу новиот предизвик во кој ја брани титулата против Турчинот Мехмед Балик, познат како Мемо Гун, меч кој е закажан за на 29 јуни во Штутгарт – Германија.

Какви се твоите очекувања околу претстојната борба против Мехмед Балик?

  • Се работи за искусен борец. Во последните два месеца интензивно тренирам и можам да кажам дека сум во одлична форма. Се подготвував во секој сегмент од борбата, џиу-џицу, кик-бокс… Тренирав во мојот матичен клуб „Будо“ заедно со тренерот Раде Стефановски. Со оглед на тоа дека противникот е специјалист за кик-боксер, сигурно ќе се обиде да ја добие борбата преку нокаут, во „стенд-ап“ горе. За разлика од него, јас повеќе се фокусирав на борба во клинч, да го донесам до мрежа, да можам да го добијам со зафат или нокаут. Ги имам изгледано сите негови борби, има над 100 во кик-бокс и маи-таи и шест борби во ММА, но мислам дека имам реални шанси да го одбранам појасот. Ако го одбранам, тогаш ме чека вистински предизвик, ќе потпишам договор со голема организација. До сега имав понуда од „One Championship China“.

Што се вклучува твојот режим на исхрана?

  • Имам големи промени во режимот на исхрана. Слатките работи се исфрлени од моето мени исто како и лебот. Јагленохидратите се сведени на минимум, но затоа тука е овошјето и салатите кои често ги консумирам во текот на вечерните часови. Забавите и ноќните клубови исто така ги тргнав на страна, затоа можам да кажам дека за оваа борба сум подготвен максимално и физички и психички. Дневно имам по два тренинга, наутро и во попладневните часови.

Кои се твоите ритуали пред секоја борба?

  • Немам некои посебни ритуали. Една недела пред секоја борба медитирам, ги следам нивните претходни борби, ја наоѓам нивната слаба точка и потоа распалувам. Исто така ми значи и присуството на пријателите и нивниот совет кој навистина ме мотивира.

Кој ти е најлесно, а кој најтешко добиен противник?

  • Најлесно добиена борба ми беше во Загреб, Хрватска. Можеби ми беше најлесна, но со тоа не можам да кажам дека ми била лесна бидејќи не бев премногу искусен, а борбата ја добив за 57 секунди. Од друга страна, најтешката борба до сега ми беше во Германија, против борецот од Чеченија – Имран Махитиев. Тоа беше борба за појасот и можам да кажам дека убедливо најтешката борба во кариерата. Иако на почетокот бев во мала негатива, сепак брзо се „освестив“ и почнав да го работам она што најдобро го знам.

Која ти е најголемата мотивација?

  • Најголема мотивација ми е девојка ми Мелани Георгиева, моите внуци, брат ми и снаа ми.

Дали имаш склучено договор со некоја компанија кога е во прашање консумирањето на одредени суплементи?

  • Немам склучено договор со ниту една компанија од ваков карактер, но затоа морам да ги пофалам спонзорите кои се секогаш тука за мене. Сакам да истакнам дека Јован Јовчев од „Техно Павер“, „Атлантик Инвест“ од Велес, Дејан Мирсинов, „Ми-Са“, „Димекс Инжинеринг“, „Бела Вода“, „Страда Кафе“, „Изгрев“, „Хемомак“, хотел спа „Гардениа“, „Кеги-моби“, „Интер лајт“, советот на Општина Велес, и многу други кои можеби се и најзаслужните поради кои моментно сум на врвот. Затоа од се срце сакам да им се заблагодарам за придонесот кој го имаа за мене во текот на овие години.

Се почесто спортистите користат недозволени супстанци поради кои паѓаат на допинг. Што ќе се случи доколку паднеш на допинг?

  • Со оглед на тоа дека постојано одам на прегледи, нема шанси да паднам на допинг. Имам свој човек со кого постојано се консултирам за се што внесувам во себе, така што е невозможно да паднам на допинг-тест.

Дали некогаш си се соочил со неочекувана повреда?

  • Да, и можам да кажам дека имав скршеници на двете раце. Овие повреди ме попречија еден период да продолжам со тренинзите, особено онаа повреда каде што мораа да ми вградат плочка на раката. Исто така ме сруши од тага кога починаа моите родители, ова се случи пред една година поради што паузирав подолг период. По цели две години повторно се враќам во кафезот и тоа ќе биде мотив плус за мене да дојдам до победа. Оваа борба ќе ја посветам на мојата мајка, така што противникот ќе мора да ме убие за да ме победи.

Доколку не би бил ММА-борач, што би бил?

  • Тешко прашање, но сигурно би се пронашол и во улогата претседател на Македонија (се смее). За мене секој спорт е убав самиот по себе, а хоби ми е фудбалот, ракометот и кошарката. Во слободно време често пати можете да ме видите и на футсал или на фудбалски натпревар.

Дали може да дојде до тоа да ги браниш боите за друга земја?

  • За мене секогаш Македонија е пред сè, така што и во иднина ќе го бранам нашето знаме и нема пари кои можат да ме премислат да „војувам“ за друга земја. Токму на овој меч кој следува, во кафезот ќе влегувам со звукот на нашата химна, што исто така ќе ми даде мотив плус.

Кој е твојот совет за младите кои сакаат да се занимаваат со овој спорт?

  • Ги советувам да почнат со борење, чиу-чицу или кик-бокс, а потоа нека продолжат да се развиваат во вистински „ѕверови“ за да можат да дојдат до ММА, бидејќи оваа вештина не дозволува слаби страни. Според мене, за да се натпреварувате во овој спорт најпотребно е борење, а потоа следуваат џиу-џицу, бокс и маи-таи.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ

Фото: Н. Батев