НБ ги заокружува подзаконските акти за ефикасна примена на новините во платежната сфера

35

Советот на Народната банка на Република Северна Македонија усвои нов сет од 13 подзаконски акти со кои се операционализира новата правна рамка во платежната сфера којашто ја поставува Законот за платежни услуги и платни системи, чија примена ќе почне од 1 јануари 2023 година.

-Пристапот до пазарот на платежни услуги од страна на новите даватели на платежните услуги (платежните институции и институциите за електронски пари) и операторите на платните системи подразбира исполнување од нивна страна на дефиниран сет услови со кои ќе се овозможат ефикасни и безбедни плаќања за граѓаните и компаниите, информираат од Народна банка.

Во таа смисла, со актите на Народната банка се разработуваат документите, податоците и информациите, како и постапките за одлучување во врска со барањата поднесени од трговски друштва основани во Република Северна Македонија коишто имаат намера да даваат платежни услуги, да издаваат електронски пари и/или да управуваат со платните системи.

-Понатаму со регулирање на аспектот на т.н. отворено банкарство се уредува начинот на кој банките, како и останатите даватели на платежните услуги коишто ќе им отвораат платежни сметки на корисниците, се должни да ги отворат своите информациски системи со цел во платежната сфера да се поттикне натамошен развој на конкурентноста, иновациите и појавата на нови бизнис-модели. Со актите, коишто се во согласност со европската регулатива, дополнително се поттикнува и појавата и примената на нови технологии во платежната сфера, со задржување на технолошката неутралност, стандардизирање и лесно приспособување на новите меѓународни иновативни финтек-решенија на нашиот пазар, се наведува во соопштението.

Оттука, како што посочуваат од Народна банка, отвореното банкарство, коешто би почнало да се применува од февруари 2024 година, ќе овозможи засилена конкуренција којашто дополнително ќе отвори можност за користење и други апликации, иновативни решенија од платежната сфера различни од постоечките понуди од банките, коешто ќе доведе до зголемен квалитет на платежната услуга за клиентите како корисници на платежната услуга.

Крајно, регулативата на ова подрачје ќе овозможи влез на нови финтек-компании, коишто со согласност на клиентите на давателите на платежни услуги ќе може да пристапат до нивните платежни сметки со цел да им овозможат олеснето иницирање електронски плаќања или да им обезбедат податоци за извршените трансакции за нивно информирање. Со регулативата  се отвораат нови можности коишто ќе им помогнат на клиентите поедноставно да ги извршуваат и да ги следат своите плаќања. Притоа, нејзината цел е да се обезбедат брзи, едноставни и безбедни платежни услуги, што ќе им помогнат на клиентите да го заштедат своето време и притоа да бидат навремено информирани за извршените плаќања, се наведува во соопштението.

На оваа седница, Советот на Народната банка усвои и други подзаконски акти со кои подетално се регулираат прашањата поврзани со сигурносните мерки за оперативните и сигурносните ризици поврзани со платежните услуги, критериумите за оценување на исполнетоста на условите за давање услуги врз основа на платни инструменти коишто можат да се користат само на ограничен начин, условите за отворање платежни сметки и извршување платежни трансакции, стандардите за составување платежни сметки, содржината на единствениот регистар на сметки и за доставување податоци за потребите на вонтеренското следење на работењето на новите даватели на платежни услуги, како и за платежната статистика.

Исто така, Народната банка ги разгледа и ги усвои и мерките за натамошно јакнење на отпорноста на билансите на банкарскиот систем, а во услови на пролонгирана неизвесност во домашното и глобалното економско окружување. Во ваков амбиент, кога е можна појава на идни ризици, неопходна е натамошна претпазливост на банките при управувањето со кредитниот ризик и планирањето на нивните капитални позиции. За таа цел, беше донесена одлука за зголемување на стапката на противцикличен заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во домашната економија. Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот беше зголемена за 0,25 процентни поени, до нивото од 0,75 отсот, што ќе се применува од 1 јануари 2024 година.

Ова, како што нагласуваат од Народна банка, значи дека банките се должни дa ги вклучат овие стапки во пресметките за утврдување на специфичната стапка на противцикличен заштитен слој на капиталот за првиот квартал од 2024 година.

-Покрај оваа макропрудентна мерка, беше донесена и одлука за воведување нови макропрудентни инструменти во согласност со Законот за финансиска стабилност, а коишто се насочени кон квалитетот на кредитната побарувачка, во согласност со европската практика. Со мерките се регулираат одредени показатели поврзани со самите кредитокорисници физички лица и вклучуваат показател за способноста на физичкото лице за отплата на обврските кон банките и штедилниците, како и кон другите финансиски институции, показател за соодносот помеѓу кредитната изложеност којашто е одобрена со залог за недвижен имот и вредноста на имотот и показател за вкупниот долг на клиентот во сооднос со неговите годишни приходи, информираат од НБ.

Со оваа одлука, како што дополнуават, попрецизно се определува начинот на пресметување на показателите за квалитетот на кредитната побарувачка, коишто веќе во еден дел се вградени во интерните политики на банките. Сепак, со ова ќе се постигне воедначување на примената на овие показатели од страна на сите банки. Банките ќе имаат обврска редовно да ја известуваат Народната банка за висината на показателите и ќе се овозможи подетално следење на движењата и преземање соодветни макропрудентни мерки, доколку се оцени потреба за тоа, се наведува во соопштението од Народна банка.