Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ќе поднесе барање пред скопскиот Кривичен Суд – Оддел за прекршоци за поведување на прекршочна постапка против правното лице ЈПДКО Дрисла Скопје и против управителот, поради одбивање на потпишување на Записникот за спогодба од страна на директорот на ЈП за депонирање на комунален отпад Дрисла Скопје, по извршениот вонреден надзор.

– Со тоа Дрисла се соочува со казна од 110.000 до 120.000 евра, а управителот со казна до 6.000 евра – потенцираат од МЖСПП.

Изречената казна следува по вонредниот надзор на Инспекторатот на четврти овој месец по дојава на граѓани од селото Батинци, за загадување на Маркова река во претпладневните часови. При вонредниот надзор, визуелно е утврдено дека има загадување на Маркова река со темно кафеава течност, но при надзорот не е почувствуван некаков мирис.

– Истиот ден од страна на акредитирана лабораторија за животна средина „Еуромак Контрол“ од Скопје земени се мостри од три места за анализа на водите од Маркова река, како и една дополнителна мостра доставена од граѓани од Батинци. Наодите од визуелниот надзор и резултатите од акредитираната лабораторија која анализираше земени мостри, утврдија концентрации на загадувачки супстанци над дозволените гранични вредности и истите потекнуваат од исцедокот од депонијата – потенцираат од ДИЖС.

Оттаму нагласуваат дека примената на европските стандарди и зачувувањето на природниот екосистем, се определби на владата.

Државниот инспекторат за животна средина во првата половина од годинава реализира 1.072 инспекциски надзори, при што се изречени 25 прекршочни санкции и иницирани се постапки согласно законите со максимални санкции од над 556.000 евра во денарска противвредност за сторени прекршоци во животната средина.

Со тоа, како што објасни  директорот на ДИЖС, Сретен Стојковски, со тоа што во овој период се планирани 907, а реализирани се 1.072 инспекциски надзори, планот е надминат за 165 инспекциски надзори или за 18,2 насто.

– Во извештајниот период се наплатени и платни налози со постапка за порамнување од физички лица заради законски повреди за незаконско управување со отпад, а иницирани се и постапки за спогодување до Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање – појасни Стојковски.

(С.Бл.)