Шампионот во Формула 1 од 2016 година, Нико Розберг, е убеден дека ќе му биде многу потешко на Мик Шумахер во однос на него кога дебитираше во најбрзиот циркус на денешницата.

Ваквото размислување се однесува, пред се, поради силното медиумско внимание што ќе го добие благодарение на неговото славно презиме.

Откако стана шампион на европската Формула 3 во 2018 година и шампион на Формула 2 во 2020 година, Шумахер ќе ја „отвори вратата“ на својата Ф1 кариера, па оваа сезона ќе вози за тимот на Хас. Самото тоа предизвика големо внимание. Синот на седумкратниот светски шампион Михаел се соочува со тешка задача, со оглед на тоа што ќе биде дел од еден од најбавните болиди во натпреварувањето.

Розберг во 2016 година стана само вториот син на светски шампион кој ја освоил титулата, откако Дејмон Хил го повтори успехот на неговиот татко во 1996 година.

Но, Германецот верува дека на Шумахер ќе му биде потешко отколку нему, кога во 2006 година дебитираше на трката во Бахреин.

  • Не е лесно да се биде син на успешен татко. На Мик ќе му биде десет пати потешко затоа што деновите на Михаел не беа многу одамна, а беше навистина успешен во овој спорт. Медиумите нема да му дадат време, иако ќе му треба. Исто така и трпеливост. На крајот на краиштата, јас ја освоив титулата по седум години минати на патеката, истакна Розберг.

Инаку, Розберг беше колега на Шумахер во Мерцедес од 2010 до крајот на 2012 година и е единствениот возач што ги победил двајцата статистички најуспешни Ф1-возачи на сите времиња, и тоа со ист болид. Исто така, тој е единствениот возач кој успеа да освои повеќе пол-позиции од Хамилтон со ист болид. Тоа се случи во 2014 година, кога Германецот беше поуспешен со резултат 11:7.