На минус 15 степени и завеани патишта: Стигнаа првите корона-вакцини во Македонија

Првите вакцини Македонија ги доби од Србија. Вчера на граничниот премин Табановце, вакцините за нашава земја ги предаде лично претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Стигнаа 4.680 вакцини на „Фајзер“ од вкупно 8.000 и со нив први ке бидат вакцинирани здравствените работници и со тоа практично стартува имунизацијата против ковид 19  во Македонија. Вакцинацијата, според министерот за здравство Венко Филипче почнува во среда, а први ќе се вакцинираат здравствените работници во модуларната болница во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Првите 4.680 од вкупно 8.000 вакцини од Србија се сместени во фрижидерите во Институтот за трансфузиологија

46

На граничниот премин „Табановце“ стигна првата пратка од вакцини на „Фајзер“, донација од Република Србија. Првите 4.680 од предвидените 8.000 вакцини против ковид-19 на премиерот Зоран Заев му ги предаде српскиот претседател Александар Вучиќ. Пратката вакцини од Србија требаше да пристигне пред неколку дена, но беше одложено поради технички причини, поради усогласување на техничка документација. Станува збор за вкупно 8000 вакцини од „Фајзер“ кои ни ги отстапува Србија,  а кои неколку недели чекаа на одобрение од производителот во земјава. Покрај оваа пратка се очекува и испорака на 200 илјади дози вакцини од Кина, за кои е потпишан договор во понеделникот.

-Како израз на драгоцен чин на пријателство Република Србија и српскиот народ денеска солидарно споделува дел од своите вакцини за народот на Северна Македонија. Пакетот од 4.680 вакцини од вкупно осумте илјади вакцини е израз на пријателска и соседска подадена рака за поддршка и прва помош за македонските граѓани додека стигнат вакцините што ги нарачавме, рече Заев.

Посочи дека планетарната криза од 2020 година со пандемијата од ковид-19 го извади најдоброто до човештвото – соработката, пријателството и солидарноста. Примопредавањето на вакцините, нагласи, е резултат токму на пријателството и меѓусебната поддршка меѓу народите и државите и на традицијата во регионот – првата рака на помош да се подаде на најблискиот сосед.

-Овој чин ги зацврстува и дава светла перспектива на односите со Србија кои и бездруго се традиционално пријателски, рече Заев и му се заблагодари на пратениците Иван Стоиљковиќ и Мирослав Јовановиќ за придонесот во координацијата околу донацијата.

Српскиот претседател Вучиќ посочи дека примопредавањето на вакцините можеше да се случи и пред 10 дена, но рече дека имало многу проблеми со добивањето дозвола од „Фајзер“ поради многу строгите процедури и се заблагодари што конечно тоа им било овозможено.

-Примопредавањето мораше да се направи по неверојатно сложени процедури и среќен сум што ќе може да почне имунизацијата на граѓаните во Северна Македонија и пред некои други земји во регионот и во овој дел од светот. Среќен сум што така можеме да им помогнеме на нашите браќа и пријатели. Србија нема никакви други интереси освен да покаже пријателство кон македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека ништо не ги интересира, освен да напредува пријателството меѓу двете земји и, како што рече, да може да живееме не само како најблиски соседи, туку и како најдобри пријатели.

-Вистински пријател е оној што ќе ти се најде кога ти е тешко и кога си во неволја и кога ти е нешто потребно, а не кога секогаш е се лесно и убаво. Сите се соочуваме со проблемот на коронавирусот и верувам дека овие вакцини ќе бидат доволни за најголемиот број лекари и медицински персонал. Со овие вакцини секако ќе спасите неколку животи, а секој живот за нас има најголема вредност, рече Вучиќ.

Интерес за вакцинирање преку онлајн апликацијата до вчера имаа иразено над 40.000 граѓани. Со првата пратка на „Фајзер“ вакцините, практично, почнува вакцинацијата во Македонија.

Вакцинирањето почнува в среда

Со првите дози на „фајзер“ вакцините, кои ги добивме како донација од Србија, в среда ќе почне вакцинирањето против коронавирусот во нашата земја, истакна министерот за здравство Венко Филипче. Министерот Филипче  потенцира дека вакцинацијата ќе почне со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје.

Филипче во изјавата на граничниот премин Табановце каде беа предадени првите вакцини од Србија, зрази благодарност до српската Влада што отстапија дел од нивните вакцини.

– Оваа криза покажа дека солидарноста е важна и дека не постојат граници. Ние сме целосно спремни, вакцините се веќе на пат да бидат сместени во соодветните фрижидери. По најавата во петокот вечерта на „Фајзер“, ние во текот на вчерашниот ден работевме. Го потпишавме трипартитниот договор, што беше практично услов да се случи оваа донација од Србија. Вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје, потенцираше Филипче.