На германскиот градежен сектор му се заканува колапс

147

На германскиот градежен сектор му се заканува колапс, бидејќи средствата за нови проекти пресушуваат, предупреди шефот на германската асоцијација на претприемачи (ЗДХ), Јорг Дитрих.

„Во градежниот сектор со голема брзина се движиме кон ѕидот, а владата едноставно не  е во состојба да ги притисне сопирачките. Градежниот сектор со 2,33 милиони работници е клучен за трговијата, а на овој сектор му се заканува целосен колапс“, изјави Дитрих, пренесува Seebiz, повикувајќи се на Bild.

Според него, се развивале проекти кои биле договорени и финансирани со години, а финансирањето на идните проекти пропаднало.

„Доколку Владата не преземе мерки за да се спротивстави на ова, ќе има пад на капацитетот“, рече првиот човек на ЗДХ.

Тој оцени дека владејачката коалиција не направила ништо во однос на дерегулацијата, како и дека регулативите останале подеднакво сложени, а програмите за субвенционирање само „капка во океанот“.

Високите цени и зголемените каматни стапки особено ја погодија побарувачката во секторот на недвижности. Министерството за градежништво предложи фискални мерки за поттикнување на изградбата на станови, а Дитрих нагласи дека треба да се здружат сите актери, од доверителите до градежните здруженија и надлежните министерства, за да му се помогне на градежниот сектор.