На Ганди светот му се восхитува, а Индијците го знаат само како лик од банкнотите

100

Роденденот на Махатма Ганди, еден од најголемите лидери на 20 век и човек кој ја ослободи Индија од колонијалното ропство, 2 октомври, се одбележа во светот, а во Индија овој ден е национален празник.

Сепак, во Музејот на Ганди, изграден на местото каде што беше убиен тој борец за слобода, има многу повеќе странци отколку Индијци. Тоа е случај поради, како што пренесува Хина, растечкиот хиндуистичкиот национализам, а со тоа и опаѓање на интересот за Ганди.

Индијците го познаваат Ганди единствено од банкнотите и улиците, кои се  наречени по него. Никој не се сеќава што тој направил и како се жртвувал, велат вработени во музејот.

Индија стекна независност од Велика Британија во 1947 година, пред сè, благодарение на политиката на отпор на Ганди, која подразбираше граѓанска непослушност и ненасилство. Голем број индиски политичари ја доведуваат во прашање неговата идеологија, сметајќи ја за непрактична.

Начелата на Ганди инспирираа луѓе и движења низ светот, од Мартин Лутер Кинг, Нелсон Мандела и Вацлав Хавел до Аунг Сан Су Чи.

Општествените научници и активисти ја нагласуваат важноста на вредностите на Ганди во одговорот на глобалните тензии и судири. Сепак, во Индија сè повеќе расте хиндустичкиот национализам, злосторствата од омраза и поларизација меѓу хиндусите и муслиманите.

Ганди беше убиен од хиндуистичкиот екстремист Натурам Годсе, кој го обвинуваше за слабеење на земјата бидејќи дозволил нејзина поделба на Индија и Пакистан.