На „Бехтел и Енка“ ќе ѝ се префрлат 243 милиони евра и покрај реакциите за коридорите

31

И покрај реакциите, Владата ја турка реализацијата на проектот и веќе одобри 15 милијарди денари или 243 милиони евра на „Бехтел и Енка“ за коридорите, а  првата транша за исплата изнесува 87 милиони евра, кои се повлечени од буџетот на Министерството за транспорт и врски за годинава.

Како што се прецизира, средства во износ од 7.254.000.000 денари (117.000.000 евра) се исплаќаат во две транши и се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од изведувачот на работите пред да се започне со градежни активности на трасите: делница 1 (Тетово – Гостивар), делница 2 (Гостивар – Букојчани), делница 3, (Требениште – Струга – Ќафасан) и делница 4 (Прилеп – Битола).

Исто така, средства во износ од 3.100.000.000 денари (50.000.000 евра) се наменети за авансно плаќање за мобилизација, набавка на опрема, бази и материјали за изведувачот и за поддршка на пристапот до средства.

Предвидени се 1.580.000.000 денари (25.500.000 евра) за капитални индиректни трошоци, односно за трошоци што се задолжени од странски изведувач и се во функција на поддршка на градежните активности, вклучувајќи и асистенција од специјалисти за технички, комерцијален и управувачки капацитет за надгледување на проектот и надгледување на активностите на проектот од персонал од главната канцеларија на изведувачот.

Намената, пак, на средства во износ од 49,5 милиони евра  (3.066.000.000 денари) е за изработка на проектна документација за изградба на автопатиштата, за дислокации на подземни и на надземни инсталации, изведба на дислокации на подземни и на надземни инсталации, подготвителни градежни активности на траса, градежни активности, односно изградба на траса, геомеханички истражувања, обезбедување канцеларии и други потреби за надзорот и друго, за патните правци: Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.

Со договорот со „Бехтел и Енка“ што беше потпишан на 8 март годинава, ќе се градат четири автопатски делници во должина од 108,8 километри. Вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, без парите за експропријацијата и проектирање.

Првичните пресметки покажуваат дека делницата Тетово – Гостивар во должина од 17,5 километри чини 125 милиони евра, Гостивар – Букојчани (30,3 километри) 560 милиони евра, Требеништа – Струга – Ќафасан (21,7 километри) 360 милиони евра, а Прилеп – Битола (39,4) 260 милиони евра. Автопатските делници ќе бидат со по три ленти и широки по 10,7 метри, со зеленило. Просечната цена за километар треба да изнесува 12 милиони евра.

Стартни активности за проектот од ЈПДП најавија за следниот месец, на делниците Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола.

(С.Бл.)