Најубава празнична фотографија со вашето куче

40

Во пресрет на претстојните празници, кога социјалните мрежи се преполни со новогодишни фотографии од миленици, ЈП „Лајка“ направи интересна фото креативна иницијатива, односно конкурс за најубава празнична фотографија со вашето куче.

Од претпријатието ги покануваат сите досегашни вдомувачи да се пријават и да учествуваат на овој конкурс со своите миленици од „Лајка”, бидејќи, како што велат, во изминатите две години во нашата земја се вдомени над 300 кучиња од прифатилиштето. Секако, поканата за учество е отворена и за сите останати сопственици на кучиња.

Секој сопственик може да учествува со  најмногу три фотографии и е потребно да ги испрати на fotokonkurs@lajka.com.mk. Може да го сликате вашиот миленик сам или и вие да бидете дел од фотографијата. Повикот трае до 23 декември, кога ќе бидат објавени среќните добитници.

– Ќе бидат избрани три најубави фотографии. Секој добитник ќе добие новогодишно пакетче со различни подароци од нашите соработници. Со сите фотографии што ќе учествуваат на овој конкурс, ќе биде изработено празнично видео, кое ќе биде објавено на 31.12.2022 година, како дел од кампањата  „Животот со миленик е поубав, вдоми куче“ – соопштија од „Лајка“.