Најдановска –Алулоска: Детската клиника ќе стане успешна приказна

Новата директорка е задоволна од најавениот раст на платите во здравствениот сектор. Според Најдановска –Алулоска во следниот период Детската клиника ќе стане успешна приказна и нема да има одлив на лекари

1055

Најавеното зголемување на платите на лекарите и медицинскиот кадар позитивно ќе се одрази и на вработените во детската клиника и тие нема да сакаат да се селат во приватните клиники или да заминат во странство. Ова го кажа д-р Наташа Најдановска –Алулоска која сега е новиот директор на Универзитетската клиника за детски болести.

Најдановска -Алулоска  посочи дека таа ќе продолжи да  работи на одделот за неонатологија како и досега и да се грижи за бебињата кои што се предвремено родени, оти таа прво е лекар,а потоа директор.

-За мене е голема чест што станав директор на клиниката, но тоа ќе го искористам да го подобрам квалитетот на лекувањето, нова дијагностика и терапија во интерес на најмладите пациенти, а да бидат задоволни и нивните родители и целокупниот персобал на клиниката-вели д-р Најдановска –Алулоска.

Според неа ќе бидат реновирани неколку одделенија како што е неонаталниот оддел каде се лекуваат новороденчињата кои што имаат проблеми и предвреме родените дечиња, како и онколошкиот оддел каде се лекуваат најтешко болните пациенти.

Ќе направам се нашата клиника да стане успешна приказна каде ќе се нуди квалитетна здравствена заштита, оти треба да им помогнеме  на новороденчињата, но и да обрнеме внимание на родителите кои се под голем стрес и стрепат за здравјето на своите дечиња- потенцира д-р Најдановска –Алулоска.

(В.Ма.)