„Токму преку оваа работилница сакаме да приложиме некои методи како да се надградуваат младите, како да бидат истрајни, фокусирани кон она што треба да им донесе успех во животот. Пред сè, тоа е знаењето, бидејќи колку повеќе акумулираме знаење толку повеќе вредности поседуваме. Не може да се постигне успех ако притоа не се инвестира во знаењето“, истакна вонредниот професор д-р Зоран Крстевски на вчерашната научно-стручна работилница „Знаењето и талентот – фундамент на успешност“, која, под менторство на проф. д-р Александра Станковска, декан на Факултетот за економски науки, се одржа на Европски универзитет – Скопје 

„Треба да ги мотивираме младите како да се саморазвијат, како да допрат до сопствените лични таленти и вредности, бидејќи една од најголемите мотивации во животот е постигнувањето успех. Но, не може да се постигне успех ако притоа не се инвестира во знаењето“, истакна вонредниот професор д-р Зоран Крстевски на денешната научно-стручна работилница „Знаењето и талентот – фундамент на успешност“, која, под менторство на проф. д-р Александра Станковска, декан на Факултетот за економски науки, се одржа на Европски универзитет – Скопје.

Пред голем број матуранти и гости, беше претставена програмата на оваа високообразовна институција со повеќе од дведецениска успешна традиција во образовниот процес во државата и пошироко, а присутните, меѓу другото, беа запознаени и со условите што ги нудат факултетите што се дел од Универзитетот, како и со начинот на работа на кадарот и значењето од врвното знаење што го нуди Европски универзитет.

„Токму преку оваа работилница сакаме да приложиме некои методи како да се надградуваат младите, како да бидат истрајни, фокусирани кон она што треба да им донесе успех во животот. Пред сè, тоа е знаењето, бидејќи колку повеќе акумулираме знаење толку повеќе вредности поседуваме. Врз основа на тоа, и утре, во некои животни проблеми или искушенија, ќе знаеме како да реaгираме. Значи, човекот што знае – не греши. Тоа е една максима што произлегува уште од антиката, од Сократ. Тоа е и целта која ние треба да им ја наметнеме на младите – што повеќе знаење, а воедно помалку грешки во животот. Грешките ќе се случуваат, проблемите се составен дел од животот, но ние треба да најдеме начин како да управуваме со промените и проблемите, бидејќи, на некој начин, секоја промена може да нè соочи со проблем, но секој проблем е шанса за промена и автоматски создавање едно ‘ново јас’, нов основ и во работата и во животот“, истакна проф. д-р Зоран Крстевски.

Како што, меѓу другото, додаде проф. д-р Крстевски, главниот фокус е „да не се плашиме од проблемите, од предизвикот и одговорноста, туку да ја преземеме одговорноста и да почнеме да се градиме во насока на акумулирање на што повисоки интелектуални знаења“.

Редовниот професор, д-р Зоран Јолевски, пак, истакна дека знаењето е главна алатка на моќта во денешниот свет.

„Веќе не се богати државите што имаат природни богатства и големо население, туку оние што имаат луѓе со огромно знаење, а успешни се тие што инвестираат во знаењето. Она што се предава на овој Универзитет и знаењето што ви го пренесуваме е, всушност, најновото знаење и не треба само да го меморирате тоа што го слушате, туку и да развиете критичко размислување“, им се обрати на идните студенти проф. д-р Јолевски, кој даде бројни актуелни примери од надворешната политика и начинот на кој треба да се решаваат проблемите.

Од страна на асистент м-р Славица Танеска пред присутните беше претставен и еден од најстарите факултети на овој Универзитет, Факултетот за арт и дизајн, кој успешно функционира веќе 18 години.

Она што, исто така, беше истакнато е дека дипломираните студенти од Европски универзитет успешно работат не само во државата туку и во странски држави и во странски компании. Затоа и ваквите работилници, велат од Европски универзитет, имаат цел да му отворат на младиот човек нови хоризонти преку студирање на еден од факултетите што ги нуди Универзитетот.

Матурантите добија и специјални сертификати за учество на оваа работилница и можност за поволности за студирање на оваа високообразовна институција, каде што младите луѓе можат да станат правници, економисти, детективи, информатичари, но и стоматолози, да студираат на Факултетот за арт и дизајн и на Факултетот за дентална медицина… И како што велат од Универзитетот, на оваа високообразовна институција се нуди и стручност и кадар што ќе го овозможи ова. (Д.Т.)

Фото: Ѕ. Плавевски