Наскоро тендер за изградба на санитарната депонија во Свети Николе

79

Министерството за животна средина наскоро ќе распише тендер за изградба на санитарна депонија во Свети Николе и за трансфер станиците каде што општините во Источниот и Североисточниот регион ќе го решат проблемот со депонирање и управување со отпадот.

– Овие два региона ќе имаат санитарна депонија во Свети Николе и како што реков процесите напредуваат и во другите региони. Соочени сме со низа предизвици во воспоставувањето на регионалните системи, вклучени се многу партнери, а општините треба да вложат максимални напори како би можеле да се воспостават овие системи, особено воспоставување на регионалните тела за управување со отпад – вели министерката за животна средина, Каја Шукова.

Според неа, проектот се спроведува во вистинско време и е целосно усогласен со сите стратешки цели за постигнување еколошка и одржлива иднина.

– Свесни сме дека за финансиски и технички капацитети на општините коишто ја имаат главната улога во функционирање на системот за собирање и депонирање отпад, во моментот се уште не се на задоволително ниво, има прогрес секако во изминатите години и затоа и Владата и МЖСПП секако ќе даде поддршка во целиот овој процес – потенцира Шукова.

Таа повика сите заедно да воведеме најдобри практики и најдобри модели за управување со отпад преку еден партнерски однос.

– Ова прашање треба да го реши државата, ние секако се усогласуваме со законодавството на ЕУ за жал имплементацијата во сите области од животната средина се уште не е на ниво кое го посакуваме. Јавно ги повикувам сите наши партнери максимално да се вклучат во сите процеси и да направиме подобро место за живеење – порача Шукова.

Шведската амбасадорка Ами Ларсон Џејн истакна дека општинското одржливо управување со локалните услуги не е нешто што е само општинска нужност, туку со истата се подобрува квалитетот на живот и се креираат работни места, како и економски раст.

– Глобалната акција за одржлив развој и глобални климатски промени се соочува со големи предизвици, а општините имаат суштинска улога во овој процес да ја водат трансформацијата кон циркуларна економија и здрава животна средина. Општините се предводници во имплементирањето политики, имаат длабоко познавање за самите околности во заедниците и знаат на кој начин може да се негува заедничка одговорност и да се подигне свесноста кај населението – потенцира шведската амбасадорка.

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, нагласи дека управувањето со отпад претставува една од поважните задачи на единиците на локална самоуправа и оти тоа е една од услугите што општините треба да ги дадат на своите граѓани.

– Поддршката за јакнење на свеста за селекција на отпадот, јакнењето на капацитетите на локалната власт како и обезбедувањето на соодветна и квалитетна опрема за селекција и транспорт на отпадот се важни делови во целиот овој процес. Но најважно од се е соодветна имплементација на законските одредби и неселективна примена на казните за секое загрозување на животната средина – порача Перишиќ.