Наскоро Закон за македонскиот јазик, лектори во секоја институција

246

Дали со Законот за македонскиот јазик, кој наскоро треба да се најде на владина седница, конечно ќе ѝ се стави крај на неговата несоодветна употреба во институциите во државата? Ова прашање се провлекува со години, а лекторите укажуваат на низа правописни грешки, но и на несоодветна употреба на зборовите, како и на употреба на странски зборови. Со овој Закон треба да се регулира и задолжителното вработување  лектори не само во институциите туку и во медиумите.

– Законот за употреба на македонскиот јазик е веќе готов, се разгледува од правен аспект и се очекува да се најде на владина седница – кажа министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска при едно ТВ-гостување.

Според неа, тој предвидува стратегија за македонскиот јазик, и како да се промовира и како правилно да се имплементира.

Пред испраќањето на нацрт-законот во Собранието, како што посочува Костадиновска- Стојчевска, текстот ќе биде претставен за јавна расправа.

– Спорните делови, кои беа причина да се стопира Законот во 2020 година, сега се отстранети, бидејќи постои начелен договор за тие моменти поинаку да се регулираат – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека Законот за употреба на македонскиот јазик предвидува лектори во секоја државна институција, но и поголеми казни за оние што не го употребуваат како што треба македонскиот јазик, соодветно со лекторите.

Тој предвидува и афирмација во градинките и во училиштата.

– Советот за македонскиот јазик е составен од професионалци, кои долги години се занимаваат со оваа тематика, точно знаат каде треба да се реагира и тие извесен период работеа на тој закон – истакна Костадиновска-Стојчевска.