Над 700.000 работоспособни не бараат работа, а за 160 илјади кои бараат има помалку од седум илјади работни места

Во вториот квартал годинава, чиј белег е ковид-кризата поради која економската активност драстично се намали, статистичарите регистрираа и благ раст на стапката на невработеност. Од 16,2 во првото тримесечје, до средината на годинава стапката на невработеност се искачила на 16,7 проценти. Тоа е сепак помалку од минатата година кога невработеноста изнесувала 17,3 процента.

147

Раст на бројот на лицата кои се неактивни, односно на оние кои можат да работат, а не бараат работа, регистрира Државниот завод за статистика во вториот квартал годинава, за кога се последните официјални статистички податоци. Во тој период, според ДЗС, работоспособни се вкупно 1.685.909 лица, од кои активни се 953.039 или 56,5 проценти. Неактивното население го сочинуваат 732.870 лица, со што стапката на неактивност во однос на истиот период лани е зголемена за 1,4 процент.

Во вториот квартал годинава, чиј белег е ковид-кризата, поради која економската активност драстично се намали статистичарите регистрираат и благ раст на стапката на невработеност. Од 16,2 во првото тримесечје, до средината на годинава стапката на невработеност се искачила на 16,7 проценти. Тоа е сепак помалку од минатата година кога невработеноста изнесувала 17,3 процента.

Бројот на невработени во вториот квартал годинава изнесува 159.623, додека бројот на вработени е 793.416.

Ова се бројките што ги презентираат статистичарите врз основа на направена анкета.

Според податоците од Агенцијата за вработување кои произлегуваат од пријавените лица кои бараат работа, на крајот на вториот квартал, во јуни, бројот на невработени изнесувал 133.455 и во однос на февруари е зголемен за 27.639 лица.

Од друга страна, во вториот квартал годинава статистичарите пресметале стапка на слободни работни места од 1,36 отсто. Или непополнети биле 6.866 работни позиции.
Според податоците на ДЗС, најмногу работници биле потребни во преработувачката индустрија, градежништвото и трговијата.

Во преработувачката индустрија слободни биле 2.081, во трговијата 1.232 и во градежниот сектор 1.073 работни места.

Највисока стапка на слободни работни места регистрирана е во секторот градежништво – 3,46 отсто, додека најмала е стапката во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што изнесува 0,10 отсто.

Најмногу работници им биле потребно на компаниите со 10 до 49 вработени. Кај нив стапката на слободни работни места е 1,94 отсто.
Гледано по региони, во Североисточниот има највисока стапка на слободни работни места од 2,41 отсто.

Најмногу огласи за вработување имало од услужните дејности и продажбата каде што биле потребни нови 2.107 работници.

(С.В.)