Во слепа улица од возила врвулица – вози кој како стигне!

712

– На некои им текнало, па ставиле земја за полесно да се искачат со возилата на тротоарот и потоа десно по булеварот. Но што е уште поопасно, некои ги пресекуваат двете средишни ленти и се приклучуваат на левата страна на булеварот што води кон центарот на градот. Сега новиот булевар е многу фреквентен и не дај боже, може да дојде до несреќа го големи последици, вели жител на Бутел 1. – Веднаш ќе ги известам од Градот за случајот и ќе наредам до крајот на неделава да се тргне земјата, песокот или што и да е. Заштитни столпчиња мора да се постават заради безбедност. Инаку, имаше опција улицата „Марко Крале“ да не биде слепа улица, туку да оди паралелно со булеварот, за што требаше да се урне една куќа. Но, тогаш 80 проценти од жителите го побараа првото решение. Сепак, повторно ќе направиме анкета со жителите да видиме какво е сега нивното размислување околу тоа – изјави Смилевски

 

Жители на улицата „Марко Крале“ во Бутел 1 се жалат дека со пробивањето и изградбата на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ останале како слепо црево во тој дел на градот. Велат дека по изградбата на булеварот нивната улица останала затворена за излез со возила кон центарот на градот, па општинските власти им кажале да ја користат улицата „Хо Ши Мин“, или пак, да одат до последна автобуска постојка на „57“ и да возат преку надвозникот за да се приклучат на булеварот „Х.Т. Карпош“.

Еден жител, кој се јави во редакцијата на весникот ВЕЧЕР, вели дека не се против што нивната улица „Марко Крале“ сега е слепа, туку се мошне загрижени што некои не го почитуваат новиот режим, па за да не вртат по другите улици, направиле пристап до булеварот и диво се приклучуваат, со тоа доведувајќи се во ситуација да предизвикаат сообраќајна незгода.

– На некои им текнало, па ставиле земја за полесно да се искачат со возилата на тротоарот и потоа десно по булеварот. Но што е уште поопасно, некои ги пресекуваат двете средишни ленти и се приклучуваат на левата страна на булеварот што води кон центарот на градот. Сега новиот булевар е многу фреквентен и не дај боже, може да дојде до несреќа го големи последици, вели жител на Бутел 1.

Бараат надлежните да постават заштитни столпчиња или ограда на тој дел за да се спречи дивото приклучување од „Марко Крале“ на булеварот, како и да се постави вертикална сигнализација која ќе покажува дека улицата е слепа. Бараат и одговор зошто не е поставена звучна бариера со оглед дека куќите им се до булеварот, а станува збор за многу фреквентна сообраќајница.

Булеварот „Х.Т. Карпош“ го градеше градот и оттаму ни одговорија дека согласно Генералниот урбанистички план на Град скопје, како и Деталниот урбанистички план за Бутел 1, посочената сообраќајница „Марко Крале“ не се приклучува на новоизградениот булевар.

– Булеварот од наша страна е соодветно обележан. На оваа позиција, како што може да се види на самите фотографии е изграден соодветен тротоар и на оваа локација не е предвиден сообраќаен приклучок на булеварот – кусо одговорија од Градот.

Градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски ни рече дека никој досега не го известил за овој проблем со дивото приклучување од „Марко Крале“ на булеварот.

– Веднаш ќе ги известам од Градот за случајот и ќе наредам до крајот на неделава да се тргне земјата, песокот или што и да е. Заштитни столпчиња мора да се постават заради безбедност. Инаку, имаше опција улицата „Марко Крале“ да не биде слепа улица, туку да оди паралелно со булеварот, за што требаше да се урне една куќа. Но, тогаш 80 проценти од жителите го побараа првото решение. Сепак, повторно ќе направиме анкета со жителите да видиме какво е сега нивното размислување околу тоа – изјави Смилевски.

Тој истакна дека низ општината досега се направени само пет сообраќајни решенија на улиците и приоритет е даден на оние кои водат до училиштата и градинките. Постепено ќе се изготвуваат сообраќајни решенија и за другите улици, вклучително и за „Марко Крале“.

(С.Бл.)