Мостот во Аеродром сега завршува во нечија дневна соба!

1088

Арсовска не очекува во догледно време да заврши проектот кој опфаќа изградба на мост на Вардар во Аеродром и пробивање на булевар низ населбата Ќерамидница. Кон овој проект таа гледа со резерва затоа што, како што вели, голем е процентот на неразрешени имотно-правни односи.

– Таму има многу имотно-правни проблеми и спорни моменти. Има 44 барања за приватизација, 11 предмети се во спорови со имотно-правни односи кои верувам дека ќе траат со години. Тоа се имоти каде треба да поминува трасата и споровите се меѓу сопствениците, но и со Градот Скопје. Шеснаесет предмети се со кориснички права, 44 се со барање за приватизација, тоа се постапки кои веќе се преземени, 12 предмети се во Влада, но се без согласност за цена, односно се нема погодено со самите жители која е цената која би требало да им биде исплатена, односно да бидат обесштетени. Има 25 предмети во подготовка, што значи дека ова е само една иницијална фаза која сметам дека долго време ќе потрае – потенцира таа.

За изградбата на мостот вели дека ќе стигне до некаде, но нема да заврши никаде.

– Сега во овој момент завршува во нечија дневна соба. Знаеме сите, дека кога нешто отпочнуваме треба процесот да ни биде завршен од почеток до крај. Овој проект колку и да сакаме да заврши, не може барем во догледно време. Дури и да се продолжи овој проект, тоа ќе бидат фрлени пари од граѓаните за следната година, и наместо да се реализираат проекти кои можат да се отпочнат и да се завршат. Ние, всушност се доведуваме во состојба да во овој момент се фрлаат средствата на граѓаните во проекти за кои не знаеме кога ќе имаат своја завршница – рече Арсовска.

Таа посочи дека слична е состојбата со мостот во Карпош и пробивање на улицата „Љубљанска„.

– Таму има 70 моменти, само 36 се на Република Македонија и останатите се во приватна сопственост и тие исто така ќе треба допрва да се регулираат значи таму правата не се разрешение. Исто е и за булеварот „Борис Трајковски“ отпочнат е и таму има 179 предмети, само 61 се во сопственост на РМ, а останатите се на физички и правни лица. Има процена дека треба да им се исплати по пазарна вредност што е навистина голема сума, а сеуште и нема нивна согласност – рече Арсовска.  

(С.Бл.)