Момчињата и девојките од РК Ѓорче Петров тренираат на отворено како во 60-тите

66

Градоначалничката Данела Арсовска ставила клуч на спортската  сала во средното училиште „Кочо Рацин“. Поради тоа, ракометните  клубови Македонија Ѓорче Петров во машка и Ѓорче Петров во женска конкуренција нема каде да ги реализираат потребните тренинзи, па се присилени да се подготвуваат на отворено.

Тие се гневни на ваквата одлука на градоначалничката и на Град Скопје, но велат дека никој нема да ги спречи во подготовките.

– Ниту една бирократска процедура, ниту една инспекција, ниту следните чекори, ниту…. нема да го скрши Ѓорчепетровскиот непокор. Се што нема да го убие само ќе го направи посилен лавот!!! Ги започнавме подготовките, пак на отворено, а салата нека седи затворена за клубовите од Ѓорче Петров. Не се плашат од ништо ниту сениорите ниту најмалите, просто нема што да не исплаши. Борбата продолжува – велат од ракометниот клуб Македонија Ѓорче Петров.

Истото го делат и девојките од ракометниот клуб Ѓорче Петров кој потенцираат дека одржале тренинг на отворено игралиште како во 60-тите години.

– Ниту една измислена бирократска процедура (за нечии интереси), ниту закани преку инспекции, ниту заклучени сали нема да ги спречи ,,лавиците” да го продолжат успешниот ракометен пат. Доста е  – реагираат од ЖРК Ѓорче Петров.

Како што соопштија од клубовите салата е ставена вон употреба затоа што како што им било кажано истата, била нефункционална и небезбедна за идни натпревари, иако таа како што велат со години ги задоволувала условите за одржување на тренинзи и натпревари.

(А.П.)