Моловите сè уште празни, граѓаните на шопинг во отворените трговски центри

И по еден месец од донесување на новите рестриктивни мерки за влез со сертификат за вакцина во моловите се уште не можат да се забележат гужви на каса, пред гардероба.... Трговците се жалат дека прометот им е опаднат за повеќе од половина и се загрижени за секојдневното функционирање на своите бизниси. Велат дека во продавниците нема купувачи како претходно и оти треба сериозно да се размисли на кој начин ќе се функционира. За разлика од моловите, пак, поради топлото време гужвите се префрлија во отворените трговски центри и локалните бутици каде се уште не е потребен сертификат за влез и каде исто така може да се најде летна гардероба на попуст и нова есенска гардероба

374

Моловите се уште е празни и по еден месец од донесување на новите рестриктивни мерки за влез со сертификат за вакцина. Низ моловите се уште не можат да се забележат гужви на каса, пред гардероба…како пред донесување на новите мерки. Трговците се жалат дека прометот им е опаднат за повеќе од половина и се загрижени за секојдневното функционирање на своите бизниси. Велат дека во продавниците нема купувачи како претходно и оти треба сериозно да се размисли на кој начин ќе се функционира.

-Мерките кои се донесени штетат на економијата и тоа влева страв кај вработените, се соочуваме со сериозен економски пад. Потребно е да се најде начин како купувачите да ги вратиме повторно во трговските и продавниците, велат трговците.

Тие додаваат дека во продавниците секојдневно се почитуваат протоколите и мерки на претпазливост, поточно задолжително се носат маски, има ограничувања на бројот на посетители, редарска служба, сигнализации за одржување на растојание како и одредување насока на движење, достапност и распоред на средства за дезинфекција, редовна хигиена и дезинфекција на сите системи за вентилација.

-И покрај тоа што помина еден месец откако стапија на сила новите рестриктивни мерки против ковид-19, купувачите никако да се вратат. За викенди има малку поголема фреквенција на луѓе, но и тоа е далеку од бројот на купувачи и прометот што го правевме пред да се ограничи влез само на вакцинирани, велат од една продавница во „Рамстор мол“.

И граѓаните забележуваат дека откако се донесени новите мерки за влез со сертификат нема гужви и евидентно е намалувањето на бројот на посетители.

-Сега ми е поубаво да одам на шопинг во мол, бидејќи нема гужва и можам без брзање и без чекање ред пред гардероба да си пробам и да купам нешто. Во кој дел од денот и да отидам во мол нема луѓе. Можеби ова не е добро за трговците, но за нас купувачите е идеално, вели Сања од Скопје.

Но, има и такви кои се снаоѓаат и одат на шопинг со туѓ сертификат, велат дека редарите воопшто не ги ни проверуваат сертификатите, односно не навлегуваат многу во потребната документација за влез, само проверуваат дали ја имаш или не.

За разлика од моловите, пак, поради топлото време гужвите се префрлија во отворените трговски центри и локалните бутици каде сè уште не е потребен сертификат за влез и каде што исто така може да се најде летна гардероба на попуст и нова есенска гардероба. Така деновиве забележителна беше поголемата раздвиженост низ Градскиот трговски центар, во „Бисер“, „Лептокарија“, „Буњаковец“ и во другите отворени трговски центри низ градот.

(А.С.)