Можно е  извршувањето да се врати назад во судот, ако така одлучи државата!

 Акцентот се става на незадоволство на граѓаните должници, но во РСМ постојат и граѓани кои што се доверители и кои што треба да бидат прашани. Извршителите се во средина. Инаку во поглед на постоење на здруженија, Комората не може да стори ништо. Тоа е право на граѓаните да се здружуваат заради остварување на некакви цели. Дали треба да се премести извршувањето назад во судовите е прашање на државата односно законодавецот или Министерството за правда. Државно извршување ние во нашата држава веќе имавме, поради тоа можно е да се врати назад во судот, ако така одлучи државата со сите последици што тоа ги носи со себе, велат за весникот ВЕЧЕР, извршителите Ванчо Марковски и  Гордан Станковиќ.

144

Работата на извршителите е во фокусот на јавноста. Граѓаните се жалат дека она што им го наплаќаат извршителите, како нивен  дел во колачот на извршување се превисоки суми и бараат државата да превземе конкретни мерки.  Деновиве иницијатива за овој проблем стигна и од Народниот правобранител, Насер Зибери, кој најави дека ќе бара законски измени, со кои каматите во предметите на извршување не смеат да го надминат  износот на главниот долг. За иницијативата и ставот на извршителите разговараме со извршител Ванчо Марковски Претседател на Комората и извршител Гордан Станковиќ Претседател на Комисијата за односи со јавност на Комората.

 

 

 

Народниот правобранител најави дека ќе поднесе иницијатива за законски измени со кои во предметите кои се на извршување, каматите не смеат да го надминат износот на главниот долг. Дали ја поддржувате оваа иницијатива, каков е вашиот став?

Извршителите постапуваат и спроведуваат извршни исправи во кои што покрај главен долг е утврдена и казнена камата. Какво и да решение по ова прашање донесе законодавецот, извршителите имаат обврска да го применуваат.

Веќе некое време се спомнува дека и комората на извршители бара измени на законот за извршување. Дали може да ни ги посочите вашите предлози за измени на законот?

Да, точно е дека КИРСМ бара измени на Законот за извршување и тоа за поголем број на одредби, кои што ни создаваат проблеми во практична примена на истите. Ќе Ви посочиме неколку предлози за измена на Законот за извршување :

  • Пријателско намирување на долгови од комунална природа со што би се намалиле трошоците на должниците
  • Воведување на европски платен налог, извршување на јавни давачки по избор на доверители и спроведување на извршување на решенија по Закон за обезбедување на побарување
  • Прецизни одредби за тоа што треба да содржи барањето за извршување
  • Постапување во случај кога доверителот ќе го повлече барањето за извршување
  • Прецизирање на одредбата за запирање на извршување
  • Дополнување на член 40 а во врска со дејствија кои ги превзема извршителот
  • Дополнување на одредбите за достава на писмена
  • Одредбите кои го регулираат примопредавањето на предмети од извршител чија должност престанала на новоименуван или определен извршител, за кои што во моментов имаме огромни проблеми
  • Измена и дополнување на одредбите кои го регулираат извршувањето на недвижен имот опишан во лист на предбележување на градба и спроведување на извршување врз имот кој останал со незапишани сопственички права.

Што од тие измени ќе се ја подобри перцепцијата на граѓаните кон извршителите?

Се трудиме да изнајдеме и предложиме законски измени и дополнувања кои што ќе го олеснат процесот на извршување спрема граѓаните и ќе ги намалат трошоците во извршувањето.

Од самиот почеток на функционирањето на извршителите кај граѓаните постои револт и незадоволство од вашата работа. Се формираат здруженија кои бараат укинување на приватното извршување, на што се должи незадоволстово на граѓаните од начинот на кој во моментов се извршува ?

Во ова прашање акценот го ставате на незадоволство на граѓаните должници, но во РСМ постојат и граѓани кои што се доверители и кои што треба да бидат прашани. Извршителите се во средина. Инаку во поглед на постоење на здруженија, Комората не може да стори ништо. Тоа е право на граѓаните да се здружуваат заради остварување на некакви цели. Дали треба да се премести извршувањето назад во судовите е прашање на државата односно законодавецот или Министерството за правда. Државно извршување ние во нашата држава веќе имавме, поради тоа можно е да се врати назад во судот, ако така одлучи државата со сите последици што тоа ги носи со себе.

Беше објавена листа на извршители од која може да се види дека заработките на одредени извршители за 2021 година, изнесуваат над 100 000 евра, а сепак  од Комората пред неколку месеци соопштија дека функционирањето на извршителите е доведено во прашање токму поради трошоците и малата заработка. Според ова,  како тоа извршителите заработуваат толку, а од друга страна комората го тврди спротивното?

Да тоа е точно, но постојат и канцеларии и тоа голем број кои што работат на граница на рентабилност или со мали добивки. Ова од причина што извршителите со големи добивки се извршители со стаж на работа како извршители десетина и повеќе години, па во 2021 година имаат реализирано извршни исправи примени во работа 2016/2017 година. За разлика од овие извршители, извршителите со помал стаж на работа како извршители немаат реализација на постари предмети и работејќи согласно одредбите на овој закон остваруваат многу помали приходи. Ова значи дека долгорочно гледано постари примени барања за извршување ќе нема, а приходите на изршителите гледано долгорочно од година во година ќе се намалуваат, и затоа целта на Комората е да обезбеди услови и капацитет на работа во сите извршителски канцеларии на територијата на Република Северна Македонија. Се поставува прашање дали е тоа можно во рамките на постојните услови? Тоа не е можно затоа и Комората реагира. Потребно е да се обезбеди спроведување на правдата насекаде низ земјата и не само преку неколку канцеларии.

Дали очекувате дека може извршувањето да биде вратено во судовите и како би реагирале доколку се случи тоа?

Tрендот насекаде во светот, а посебно во Европа е воведување на приватно извршување, а напуштање на системите каде извршувањето се спроведувало во судовите. Веројатно причината за ова е ефикасноста во реализација на извршните исправи. Од таа причина кај нас треба да се постави прашањето дали во македонското општество ни е потребен поефикасен или понеефикасен процес на извршување на извршна исправа. Каква  одлука да донесе државата за ова прашање, ние ќе ја прифатиме. (П.Ч.)