Мишел: Британија да направи избор за натамошниот пристап до внатрешниот пазар на ЕУ

38

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел вели дека Велика Британија треба да направи избор врз основа на кој ќе се заснова натамошниот пристап на Лондон до внатрешниот пазар на ЕУ.

– Велика Британија треба да донесе голема одлука, слободен и суверен избор. Ние ќе го почитуваме каков и да е изборот што ќе го направат, но тој ќе одлучи за нивното ниво на пристап до нашиот внатрешен пазар, порача Мишел.

Говорејќи пред Европскиот парламент, Мишел истакна дека останува уште малку време за преговори за идните односи со Велика Британија и дека ЕУ е подготвена да преговара 24 часа, седум дена во неделата, за сите прашања засновани врз законскиот текст.

– Ние сакаме фер и избалансиран договор, но исто така сме подготвени и во случај да нема договор, рече Мишел.

Тој додаде дека сите компании, без разлика дали се европски, британски или кинески, мора да ги следат истите деловни принципи на европскиот пазар.

Брисел наведува дека преговорите за идните односи со Велика Британија мора да завршат најдоцна до почетокот на ноември, со цел да се остави доволно време за ратификација на договорот во националните парламенти.

Во спротивно, предупредува на можноста преодниот рок на излегување на Велика Британија од ЕУ на 31 декември 2020 година да заврши со нерасчистени односи без договор.