Мисајловски: Време е да покажеме пркос

33

Членовите на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово вечерва протестираа со автомобили изразувајќи револт од, како што истакнаа, обидот да се обезличи македонскиот идентитет. Протестот почна пред комплексот базени во Куманово, а колоната автомобили се движеше по централното градско подрачје.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски рече дека на протестот покрај членови на општинскиот комитет има и граѓани кои ги поддржуваат, особено во Куманово, градот херој. Опозициската партија ги повика граѓаните да им се приклучат, како што рече тој, за борбата за Македонија.

– Сега е време да покажеме пркос, бидејќи Зоран Заев и неговата свита сакаат да не прекрстат, сакаат да не омаловажат, да ни се исмејуваат и сакаат да ни го сменат идентитетот. Да не дозволиме никој од нас, никој во оваа држава, повторно Зоран Заев да тргува со нашиот идентитет, со јазикот, со кумановци, рече Мисајловски.

Тој истакна дека во Куманово имало голем број луѓе кои се бореле за Македонија, нагласувајќи дека во Спомен Костурницата лежат коските на хероите. Во Куманово, истакна, има и нивни семејства, поколенија на борците кои се гордеат со градот.

– Не може некој со изјави макар тој бил и премиер на држава да се потсмева. Не може да се заборави секоја една капка крв што паднала во Куманово во борбата против фашистите, против окупаторот, а се разбира било за слободна Македонија, рече Мисајловски.

Тој изрази задоволство што во Куманово се собираат да направат протест и ги охрабри сите во другите градови од државата, не само општинските комитет на ВМРО – ДПМНЕ, туку и граѓаните да им се приклучат, да посветат време и да и покажат пркост.

– Промените започнуваат од секој еден од нас. Вечерва сме во Куманово и другите градови, продолжуваме со настани во Скопје. Борбата мора да биде на улиците, бидејќи Зоран Заев мора да си замине, а сите ние ако сме гласни, борбата ќе ја добиеме, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово.