Министерот Филипче и владини функционери не се тестирани на ковид -19, засега нема потреба 

Како што појаснува министерот за здравство Венко Филипче, тој досега немал потреба да се тестира за коронавирус. Според него во моментов не се размислува за 14-дневен карантин во целата држава, оти засега мерките се доволни, но поригорозни мерки може да има само доколку има потреба

368

Во Владата досега не е тестиран  за ковид-19 ниту еден политичар. Како што појасни министерот за здравство Венко Филипче ниту едно избрано или именувано лице не е во групата кај кои постои индикација за тестирање за коронавирусот. Министерот вели дека  досега не  слушнал дека има некој што се тестирал.

-Има многу институции, а доколку мислите конкретно во Владата, нема лица што се на ниту еден начин во групата на лицата за кои се поставила индикација за тестирање, појасни министерот Филипче.

Филипче  посочи дека ниту тој досега не е тестиран за ковид-19.Исто така тој информираше дека во моментов не се размислува за 14-дневен карантин во целата држава. Според него засега мерките се доволни, но можни се и поригорозни доколку понатаму има потреба

-Сметаме дека овие мерки се доволни, целосно ограничен викенд, разграничување на двете старосни групи и согласно тие резултати сме подготвени да интервенираме во мерки, додаде министерот Филипче.

Досега во земјава од корона вирус починале 27 заразени од ковид-19, а заболени се 599 лица. Последниот случај е 45-годишен скопјанец кој ја изгубил битката со вирусот на пат кон болницата „8 Септември”. Според информациите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) 45-годишен пациент од Скопје, тестиран и потврден позитивен на ковид-19 бил во лабораторијата на  Ветеринарен факултет.

На Инфективната клиника   моментално се хоспитализирани вкупно 67 од кои шест се на механичка вентилација, 12 се со потешка клиничка слика.

-За жал има влошување на состојбата и на родилката од Куманово, таа се уште е респираторно самостојна, меѓутоа значајно полоша клиничка слика и радиографски наод на белите дробови, интензивно се прати нејзината состојба -информира министерот.

Во градската општа болница „8 Септември” хоспитализирани се 19 пациенти од кои тројца се на респираторна машина, а девет со потешка клиничка слика. Во клиничката болница во Битола  која се смета за регионална се лекуваат пациенти кои се префрлени од Охрид, но кои што се одвоени од другиот дел од болницата. Според Филипче за пациентите се грижат доволен број на инфектолози и анестезиолози.

Во Штипското инфективно одделение се хоспитализирани четворица пациенти – еден со средно тешка клиничка слика и тројца со лесна клиничка слика.

Реорганизирана е и болницата во Куманово, со оглед на тоа што кај 18 вработени веќе е дијагностициран вирусот Ковид-19. Од вкупно 700 вработени покрај овие луѓе кои се дијагностицирани има уште 80 кои се во самоизолација и за кои ќе се направи тестирање согласно периодот на инкубација откако тој ќе помине. На помош се дојдени лекари од Скопје и Штип.

Министерот потсетува дека она што го сака е да има линеарен пораст на нови пациенти, а стратегијата што сега се применува е одлична и таа дава резултати и треба да се почитува.

-Во фаза сме кога секојдневно имаме сличен број на дијагностицирани. Линеарниот пораст е нешто што секоја земја сака да го постигне. Тоа значи да не се случи болничките установи да не можат тоа да го издржат. Такво сценарио се случи во северна Италија. Тоа беше сериозно преоптоварување на болниците со пациенти кои се за на интензивна нега, рече Филипче.

Тој појасни дека тестирањето и на оние кои немаат симптоми може да даде лажно негативни резултати, што може да доведе до тоа да не се почитуваат мерките.

Потенцира дека треба да се тестираат само пациенти што имаат симптоми и сите нивни контакти да се стават во изолација.

Министерот  смета дека треба да се анализираат бројките на Институтот за јавно здравје  за сезонскиот грип, бидејќи годинава тие се поголеми во однос на лани за 80 до 90 отсто.

-Вообичаениот број  до минатата  година историски гледано повеќе години наназад биле околу 20  илјади, а оваа година се 37 илјади. Материјалите  на тие пациенти кои се лекувале од сезонски грип и на кои се земале брисеви се анализирале за присуство на други вируси предизвикувачи на сезонскиот грип, се уште се во Институтот за јавно здравје и тие може дополнително да се тестираат да се види  дали некој од тие пациенти бил заболен од коронавирусот – вели министерот.

Тој посочи дека  располагаме со доволно тестови односно имаме доволно за  потребното тестирање. Според него има 4.000 тестови на располагање, 5.000 донација, а постапка има за 3.000 дополнителни тестови.

– Тестовите како бројка воопшто не се проблем, ниту пак може да бидат некаква закана во целокупниот овој процес на тестирања. Резултатите се пуштаат во неколку тури, има постапка, со оглед на големиот број, може во едниот ден да се направи подготовка, а другиот ден тестот, додаде тој.

До сега тестирани кај нас се 5.879 лица, а постои, како што појасни, сосем мал број пациенти кои се тестирани два пати, нешто што воопшто сериозно не ја менува оваа бројка.

Тој увери дека заштитна опрема има во доволни количини. Во Министерството за здравство, како што рече, има една голема резерва, опремата се троши, но и се дополнува.

Министерот информира дека еден возач од итна медицинска помош е позитивен на коронавирусот, тој на работното место бил со целосна заштита опрема и се анализираат неговите контакти во приватниот живот.

Скопските поликлиники работат и втора смена

Од полицискиот час кои почна да важи од 16 часот попладне до 5 часот наредното утро се изземени вработените во скопските поликлиники. Тие како што појаснуваат надлежните од Здравствен дом Скопје ќе работат  и попладне, секој ден во две смени.

На располагање на граѓаните се интернисти, офталмолози, гинеколози, дерматолози и останатите специјалистички ординации кои што работат и во попладневните часови. Останува да работи и ноќната служба. Според директорот д-р Виктор Исјановски  на Здравствен дом Скопје сега, во новите услови вакционалните пунктови кои ќе работат од 13 до 15 часот.

(В.Ма.)