Милошоски: Се и предадов на Рускоска

49

Се што поседував како материјал, транскрипти, аудио снимка поврзана со поранешниот премиер Зоран Заев,  денеска и го предадов на обвинителката Вилма Рускоска, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски по излегувањето од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Обвинителката, пренесе Милошоски, му кажала дека материјалот сега треба да се обработи за да се види која е неговата релевантност.

-Она што е интересно да се напомене е дека има разлика во изјавата што ја даде поранешниот премиер Заев, дека се сомнева оти го снимале некои пратеници со кои соработувал и самиот транскрипт каде укажувачот напоменува дека разговорот е воден во присуство на две други лица покрај поранешниот премиер Заев, едното опфатено со „Рекет“, а другото Н.Н. лице, истакна Милошоски.

Затоа, како што додаде, Обвинителството најдобро би било ако веќе се спремни да го повикаат Заев да даде исказ за тоа кои биле на тој разговор за да можат присутните доколку се утврди нивното присуство да бидат евентуално и сведоци на разговорот.