Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, го промовираше новиот тренер Александар Петровиќ. Тој се враќа во тимот од Аеродром по пауза од 11 години, а како и што се очекуваше, главна цел е одбрана на домашната титула, како и влез во АБА1-лигата.

  • По толку години, се враќам во клубот. Амбициите на клубот се на највисоко ниво, односно да се одбрани домашната титула, како и пласман во АБА1-лигата. Доколку имав можност на почеток од сезоната да го селектирам тимот, тој ќе изгледаше многу поинаку. Моментално се соочувам со големи проблеми поради бројни повредени кошаркари. В недела, имаме натпревар со вечниот ривал Работнички, иако важиме за фаворит, сепак, никогаш не се знае на овие мечеви. Потоа нè чека „балонот“ во АБА2, каде што имаме три тешки натпревари со екипи од горниот дел, се надевам на три победи и прво место на табелата пред плејофот. Би бил среќен ако ја оствариме нашата цел, а тоа е влез во АБА1-лигата. Имаме искусни играчи и според имињата, овој тим е најдобар во нашата земја. Без разлика на повредите, одиме понатаму и, секако, примарна цел ни е победа на секој меч. Јас сум тука да внесам ентузијазам во клубот. Со моето искуство ќе дадам сè од себе да пренесам позитивна енергија во клубот. Само така можеме да дојдеме до посакуваната цел – истакна македонскиот стратег.

Иако е само неколку дена во клубот, Петровиќ веќе пикирал неколкумина кошаркари од младинските категории, кои се перспектива не само за клубот туку и за македонската репрезентација.

  • Недостига подмладување на тимот, има многу ветерани, а ние, како најдобар македонски клуб, мора да „произведуваме“ кошаркари за доброто на репрезентацијата. Пикирав неколкумина млади кошаркари од младинските категории, како Бојан Величковски и Димитар Иванов, и можам да кажам дека се работи за одлични таленти, кои, секако, би сакал да бидат дел од првиот тим. Тие деца мора да се искористат на најдобар можен начин – додаде Петровиќ.

На МЗТ Скопје му претстои првенствен натпревар против вечниот ривал Работнички, меч кој ќе се одигра викендов.

  • Имаат неколкумина нови играчи. Ги знаеме нивните проблеми на клубот, знаеме од каде ќе нападнеме и се надевам на победа. Иако важиме како фаворити на хартија, сепак вечните дербија носат сосема поинакви работи долу, на теренот. Сепак, победата е наша цел – заврши Петровиќ.