Од оваа сезона повторно ќе се игра кошаркарскиот Суперкуп на Македонија. Со одлука на македонската кошаркарска федерација по пауза од пет години повторно ќе продолжи една голема традиција, како вовед во новата сезона, а во натпреварите кои се закажани за денеска во 17 и 19:30 часот силите ќе ги одмерат МЗТ Скопје и Работнички (мажи) и Баскет КАМ и Бадел 1862 (жени). Инаку од оваа година Суперкупот ќе го носи името на прославениот тренер Драган Василов Цевка.

Имено, првиот (неофицијален) натпревар од Суперкупот е одигран во 1997 година. Во меч означен како суперфинале, кој одлучуваше кој од двете екипи ќе ја претставува Македонија во Еврокупот, се сретнаа екипите на МЗТ Скопје и Работнички. Победи екипата од „Јане Сандански“, која воедно има и најмногу освоени одличја низ годините кои следуваа.

Официјално, МЗТ Скопје има три трофеи во ова натпреварување затоа што победуваше во 2003 година, како и на последните два одиграни натпревари. Во 2015 година, кога беа подобри од Работнички, и во 2016 година, на мечот во Скопје, каде го совладаа Карпош Соколи 2000.

Тимот од „Градски парк“ го освојуваше пехарот во Суперкупот во 2001 (против Никол Ферт) и во 2011 година, кога беа подобри од екипата на Фени Индустри.

Два трофеи има и Никол Ферт. Некогашниот македонски шампион беше победник во 2000 година. А клубот од Гостивар славеше и две години подоцна (во мечот против Работнички).

Со титулата победник во Суперкупот на Македонија може да се пофали и екипата на Струмица, која победи во 2007 година, кога беше подобра од скопски Вардар, тогашниот освојувач на Купот на Македонија.

Историјата вели дека ова натпреварување е прекинувано во три наврати. Не се играа натпревари во 2004, 2005 и 2006 година, потоа и во 2008, 2009 и 2010 година, како и во 2012, 2013 и во 2014 година.

За прв пат, ќе имаме и победник на Суперкупот во женска конкуренција. За првиот трофеј ќе се борат двете најдобри екипи во ланската сезона, освојувачот на двојната круна, екипата на Баскет КАМ од Македонска Каменица и скопски Бадел 1862, финалистот во двете натпреварувања за минатата сезона.