Меѓаши бара Владата итно да ја преиспита одлуката за враќање на учениците во училиштата

236

Првата детска амбасада во светот Меѓаши денес достави барање до Владата на РС Македонија и до Комисијата за заразни болести – Министерство за здравство, за преиспитување на одлуката за започнување на наставата во второто полугодие со физичко присуство.

На јавната дебата „Најдобар интерес за децата – за и против носењето маски и тестирањето во училиштата“ што се одржа и беше пренесувана во живо на 27.01.2022 година од 18 до 20 часот на социјалните мрежи на Меѓаши, сите панелисти се согласија дека е неопходно да се размисли дали започнувањето на наставата со физичко присуство е најсоодветниот начин на продолжување на наставата или е подобро да се започне барем две седмици подоцна или онлајн.

Врз основа на заклучоците, особено едногласноста на панелистите за проблематичноста на одлуката за започнување на наставата со физичко присуство од 1-ви февруари, упативме барање до Владата и до Комисијата за заразни болести оваа одлука да се преиспита во насока на започнување на полугодието со онлајн настава барем во текот на првите две седмици од февруари или дополнително одложување на почетокот. Меѓу другото, во барањето стои Владата да ја испита можноста за обезбедување на сите училишта, основни и средни со брзи тестови.

Дополнително, ве молиме за корекција на една информација што некои од медиумите ја пренесоа од вчерашната дискусија. Имено, дел од медиумите известија дека Комисијата за заразни болести предложила учебната година да почне на 20 февруари 2022., а Владата не прифатила. Тоа не е точно. Како што изјави проф. д-р Пановски, Комисијата за заразни болести предложи учебната година да почне во редовниот термин на 20 јануари, а Владата тоа не го прифати, велат од Првата детска амбасада во светот Меѓаши.