Она што беше тема број еден на годинешнава гала е фустанот на Ким Кардашијан и толку тесен струк што сите ги остави во шок. За време на овогодишната „Мет гала“, актерката Деми Мур, пак, беше првата личност која се појавила со накит од колекцијата Cartier High, Nature Sauvage. Ѓерданот Chloris е со спирали обложени со платина и дијаманти со смарагд во центарот

 

Во Музејот на уметности Метрополитен во Њујорк годинава се случи една од најгламурозните „Мет гала“ вечери досега. Според оние избраните кои имаа можност да присуствуваат на настанот, модниот избор на познатите личности кои продефилира на црвениот тепих, буквално создал невидена магија.  Овогодишната тема на „Мет гала 2024“ беше „Заспани убавици: повторно будење на модата“, а убавината и креативноста во рамките на овој настан беа во целиот свој сјај.

Гостите на овогодишната „Мет гала“ имаа обврска да го следат и кодексот на облекување наречен „Градината на времето“, инспирирана од приказната на Ј.Г.  Балард за грофот кој, за да ја одбрани лутата толпа која се приближувала до неговиот замок, сечел рози од неговата градина за да го забави времето и во градината да не остане ниту еден цвет.

Она што беше тема број еден на годинешнава гала е фустанот на Ким Кардашијан и толку тесен струк што сите ги остави во шок. Таа новообоените платинесто руси прамени ги направи во лежерна сирена плетенка, а додаде и сиво болеро кое ѝ паѓаше од рамениците. Под болерото носеше сребрен корсет фустан. Во преден план Ким ја истакна својата минијатурна половина која на многумина им изгледаше неприродно, па можеа да се прочитаат и бројни коментари на социјалните мрежи: „како дише во ова“, „дали нормалните органи ги замени со детски органи“, „колку ребра извади за да изгледа вака?”…

За време на овогодишната „Мет гала“, актерката Деми Мур, пак, беше првата личност која се појави со накит од колекцијата Cartier High, Nature Sauvage, која официјално ќе биде претставена на крајот на мај. Ѓерданот Chloris е со спирали обложени во платина и дијаманти со смарагд во центарот, а носеше и дијамантски и смарагд обетки од истата линија. Спектакуларен пејзаж од накит бара и подеднакво впечатлив фустан, па модниот креатор Харис Рид беше на висина на задачата.

Мет Гала е позната по тоа што има многу таен список на гости – во кој дури и некои од најголемите ѕвезди не успеваат да влезат. Сепак, сите оние кои ќе ја добијат честа да чекорат по скалите на музејот „Метрополитен“, оставаат значаен впечаток во светот на модата. Годинава со величествен стајлинг присуствуваа и Џенифер Лопез, Зендаја, Кајли и Кендал Џенер и многу други, на чело со Ана Винтур. А имаше и други почитувани учесници – меѓу нив пејачи, актери, модели, спортисти и уметници од светска класа.

Инаку, „Мет гала“, се одржува секој прв понеделник во мај и претставува еден од најгламурозните настани што има за цел да собере средства за Институтот за костими на „Метрополитен музејот“ на уметност во Менхетен. (Д.Т.)