Место со зурли и тапани, стартот на Коридорите 8 и 10Д почна со соопштение за подготвителни работи и неразјаснети дилеми

Место со зурли и тапани, како што пред еден месец најави првиот вицепремиер Артан Груби, дека помпезно и со гости од регионот ќе започне изградбата на автопатиштата на Коридорите 8 и 10Д, сè се сведе на соопштение од МТВ и од ЈПДП дека стартуваат подготвителни работи, снимање на теренот, подготовка на урбанистички проекти, основни проекти, со цел да се почнат и постапките за експропријација и проектирање. Стартот на изградбата на коридорите ќе почне со многу неразјаснети дилеми и скандали што се поврзуваат со потпишаниот договор. Не се знае како точно ќе се одвиваат работите оти Владата го крие договорот од јавноста. За да може „Бехтел и Енка“ да градат побргу, се менуваат неколку закони

134

Место со зурли и тапани, како што пред еден месец најави првиот вицепремиер, Артан Груби, дека помпезно и со гости од регионот ќе започне изградбата на автопатиштата на Коридорите 8 и 10Д, сè се сведе на соопштение од Министерството за транспорт и врски и од ЈП за државни патишта дека стартуваат подготвителни работи, снимање на теренот, подготовка на урбанистички проекти, основни проекти, со цел да се почнат и постапките за експропријација и проектирање.

– Камен-темелникот ќе се постави најдоцна до 3 или 4 април година, а работите ќе почнат на 22 април и ќе биде спектакуларно. Тоа ќе биде државна манифестација, ќе има гости и од регионот. Ќе биде огромен настан – рече тогаш Груби.

Дека на 22 април ќе започнат работите на Коридорот 8 најави и Министерството за транспорт и врски, додека министерот Благој Бочварски пред неколку дена повика на смиреност и дека ќе има соопштение за локацијата. Но, место да соопштат на која локација ќе започнат работите, оттаму само информираа дека започнува и мобилизација на персонал за работа, подготовка на локации за поставување на кампови за градежната оператива, анализа на трасата и можни дислокации на подземни и надземни инсталации, подготовка на постапки за вршење на геотехнички истраги. Кога ќе се вклучат градежните машини не се знае. За овие работи на изведувачот „Бехтел и Енка“ му се одобрени 15 милијарди денари, односно 243 милиони евра од буџетот на Министерството за транспорт и врски.

СТАРТОТ СО НЕРАЗЈАСНЕТИ ДИЛЕМИ

Стартот на изградбата на коридорите ќе почне со многу неразјаснети дилеми и скандали што се поврзуваат со потпишаниот договор. Не се знае како точно ќе се одвиваат работите оти Владата го крие договорот од јавноста. За да може „Бехтел и Енка“ да градат побргу, се менуваат неколку закони. На ова реагираа дел од невладините организации и опозициони партии. Бараа измените во законите да се повлечат со образложение дека се отвора простор за корупција.

Демократскиот сојуз инсистира Државниот завод за ревизија да изврши ревизија над досегашните активности во врска со изградбата на Коридорите 8 и 10 д.

– Дали потпишаниот Договор со „Бехтел и Енка“ е во согласност со позитивните законски прописи на Македонија? Дали фирмите за консултации и надзор се избрани во согласност со законските решенија. Бидејќи претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, тврди дека договорот е во целосна согласност со основниот закон за изградба на коридорите кои го предложиле и изгласале самите пратеници, а тоа значи префрлање на одговорност врз пратениците, бараме деветте (или осумте) закони кои пратениците ги поднесоа за усвојување во скратена постапка, да се повлечат и Владата да ги достави до Собранието во редовна постапка – потенцираат од Демократскиот сојуз.

Оттаму бараат договорот да се достави до сите пратеници и до јавноста, за да може да се направи анализа и стручна експертиза, а по него да се произнесе и Дирекцијата за безбедност и класифицирани информации. Исто така бараат и извештајот што ќе го подготви Државниот завод за ревизија да го достави до сите пратеници.

– До завршување на сите овие претходни активности, да се стави мораториум на имплементацијата на овој стратешки проект – велат од ДС.

Груби смета дека нема ништо тајно во договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ и ги повика надлежните институции да ја разгледаат целата документација и ако има нешто сомнително да се отвори истрага.

– Ништо не сакаме да скриеме, чисти сме како солза за ова. Бирото за јавни набавки една година ја разгледуваше постапката и не најде никаква грешка. Сите документи се јавни, ги има во Бирото за јавни набавки и онлајн, и можат да ги имаат на увид сите граѓани. Јас не сум ни обвинител, ни судија, нека истражи Јавното обвинителство, немаме што да криеме. Сакам детално да се истражи, не само од Државната комисија за спречување корупција, туку посебно од Јавното обвинителство, од каде што рекоа дека може да ја разгледаат целата документација и ако има нешто сомнително да се отвори истрага – изјави Груби.

По реакциите дека договорот со „Бехтел и Енка“ се држи во тајност, од Владата во петокот најавија дека владини претставници и членови на Комитетот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 –д ,вклучени во овој најголем инфраструктурен проект, ќе ја презентираат документацијата и деталите од Договорот за изградба на овие два коридора, во соодветна собраниска процедура.

– Целта е, пратениците да се запознаат со содржината и сите детали од Договорот за изградба на двата коридора, кои се од нивни интерес. Презентацијата на Договорот ќе биде спроведена пред сите пратеници од Собранието на Република Македонија, кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат – информираа од Владата.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, објави дека има информации оти луѓе блиски до првите функционери во Владата знаеле каде ќе поминуваат коридорите 8 и 10-Д и веќе купувале земјиште за подоцна да го продаваат поскапо. Според него, доколку евентуална меѓународна арбитража за Коридорите 8 и 10-д се одвива според законите на Англија и Велс, тоа ќе е во корист на конзорциумот, но не и на Република Македонија. Милошоски смета дека предложените законски измени не ги забрзуваат работите, туку ги зголемуваат трошоците. Во однос на испраќањето на договорот со „Бехтел и Енка“ до Јавното обвинителство, Милошоски вели дека тоа се прави со цел Владата да купи време и да избегне негово објавување.

НА КОРИДОРИТЕ ЌЕ РАБОТАТ 7 ИЛЈАДИ РАБОТНИЦИ

Потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Александар Николовски, објави документи кои, како што тврди, се дел од договорот со „Бехтел и Енка“, напоменувајќи дека над 7 илјади странски работници ќе ги градат патиштата во Македонија во следните пет години. Тој напиша дека само годинава ќе бидат ангажирани 489 странски работници, а домашни 222 , па в година ќе работат дури 1.716 странски работници, а само 779 домашни.

– Уште поголем проблем е што за сега некој да дојде да работи во Македонија треба да добие работна дозвола и дозвола за престој. Само за работниците на автопатиштата на „Бехтел и Енка“ ова нема да важи, односно тие ќе можат да работат првиот ден откако ќе стапнат на македонска почва, додека ги чекаат соодветните работни дозволи и виза. А тоа значи дека можеби и нема да ги добијат. Затоа што е можно некој што има нечесни работи кон државата од безбедносен аспект, на пример. Истиот да се инфилтрира во државата, да работи шест месеци и по шест месеци барањето за работна дозвола да му биде одбиено. А, во тие шест месеци можеме само да сонуваме какви проблеми тоа лице ќе направи. Ова е уште едно кршење на законите – вели Николовски.

Тој потсетува дека на Косово каде што градеше автопат „Бехтел и Енка“ и таму е иста сумата на пенали од 53 милиони евра што Косово требало да им ја исплати, или како трошоци за работа, односно, според Николовски, и во Македонија и на Косово, пеналите се 53 милиони евра.

– Специјалното обвинителство на Косово, во февруари лани поднело обвинение против поранешниот министер за транспорт и инфраструктура затоа што прифатил ваков договор. Еве за жал, во владеење на правото паднавме и под Косово – потенцира Николовски.

Од Владејачката СДСМ не негираат дека бројката на странски работници ќе надмине над 51 отсто. Тие во реакција на објавите на Николовски се повикаа на законот кој предвидувал дека ако дома нема доволно ресурси, може да се ангажираат и над 51 отсто странски работници.

– Тоа значи дека ако нашата земја има доволно локални ресурси односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51%. Во член 13 пак, во став 1, јасно стои дека ангажираните работници мора да имаат потребни дозволи за престој и работа и согласно овој специјален Закон точно е утврдена оваа процедура односно она што стои во Договорот е согласно со законот – порачаа од СДСМ.

И од ЈПДП во соопштението за изградбата на коридорите посочуваат дека ангажирањето на работна сила ќе се реализира согласно постојниот закон, односно, согласно Законот за утврдување јавен интерес, за номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10, донесен во 2021 година, а објавен во „Службен весник“ на 16 јули истата година (бр.163).

Со силни критики за измените во законот за работни односи излегоа од  градежниот синдикат.

– Во просек ќе се работи по 60 часа. Тоа значи дека работната недела од 40 се заменува со 60 часа. Горна граница не може да има. Тука се оспорува и недела како неработен ден, ќе има без прекин работа. Ако сакаат бргу да се изгради некој пат, нека воведат втора и трета смена или нека ангажираат двојно повеќе работници, кои ќе работат во нормално време и за нормална плата – вели претседателот на Синдикатот за градежништво, Иван Пешевски.

ГРУБИ НЕМА НАДЛЕЖНОСТ ЗА ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ

Снежана Камиловска-Трповска, проектна координаторка во МЦМС, кој е дел од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, смета дека вицепремиерот Артан Груби, кој раководи со Министерството за политички систем, нема надлежност за инфраструктурни проекти.

– Ако ние имаме Национална транспортна стратегија, која е донесена во 2018 година од Министерството за транспорт и важи до 2030 година, во која сите овие делници што се предмет на договорот со „Бехтел и Енка“ се дел од самата Национална транспортна стратегија. Во неа децидно е наведено дека Министерството за транспорт е надлежно за нејзино реализирање во соработка со регулаторните тела од областа, се поставува прашањето – кој е релевантен во целиот процес – прашува Камиловска-Трповска.

Таа прашува дали, можеби, Министерството за политички систем во своите ингеренции ќе вметне дел од транспорт и врски? Според неа, Владата ја довела во понеповолна состојба државата затоа што не може со сигурност да тврди дека ќе бидат изменети конкретните закони бидејќи Собранието одлучува за тоа.

– Со самото тоа Владата излегува од својата надлежност, бидејќи единствен што може да смени закон во оваа држава е Собранието и тоа е уставна категорија што е уште еден спорен елемент на тоа дека на координативна функција се поставува лице што во рамки на своето министерство нема никаква надлежност поврзана со инфраструктурни проекти – додава Камиловска-Трповска.

Освен најавите дека градежните работи на дел од коридорот 8 ќе започнат на 22 април, имаше и најави дека за изградбата на коридорот 10Д работите ќе почнат на 12 мај, но по се изгледа ниту за ова не треба да се очекува почеток на работите, туку само подготовка за работа.

Мицкоски: Почна да тече рокот за плаќање на пенали кон „Бехтел и Енка“!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека од вчера почнаа да течат роковите пропишани во договорот со „Бехтел и Енка“ и дека со тоа државата ќе плаќа пенали.

– Поминаа 45 дена од денот на потпишување. Законот за работни односи не  е сменет, односно работната недела е 40 работни часа, не е 60 како што тоа е предвидено во договорот и веќе стартуваат пеналите. Еднократно ќе треба да платите 53 милиони евра на „Бехтел и Енка“, а потоа секој месец ќе треба да плаќате вие граѓаните по 2 милиони евра за секој ден, секој месец што се доцни. Зошто? Затоа што некој одлучил да ве краде. И затоа ја повикувам македонската јавност да застанат против ова историски зло дело, а не историски проект – истакна Мицкоски.

Коментирајќи го соопштението од Министерството за транспорт и врски, дека почнати се подготвителни активности, наместо градежни на Коридорот 8, Мицкоски рече уште долго нема да видиме градежни активности на терен.

Тој откри и нов момент од договорот на Владата со „Бехтел и Енка“, нагласувајќи дека Владата бара измени на законот за градење, односно да почнат со проектот без претходно да добијат дозвола за градење, Како што рече Мицкоски, без основен проект кој што би бил ревидиран и придружен заедно со сите оние одобренија кои што следат согласно законот.

– Тие самите кажаа дека сега е процесот на кој што сега они ќе го формираат градилиштето. А што значи тоа? Ќе бараат парцели каде што ќе ги одложат градежните машини и алати, парцели каде што ќе се изградат живеалишта претпоставувам за работниците кои планираат да ги донесат од надвор. Потоа од она бледо соопштение од Владата слушнав дека допрва ќе биде снимањето на терен, тоа се оние геолошки и геотехнички истражни работи, како што се геологијата, како што е идентификувањето на катастарските парцели, односно дефинирање на трасата бидејќи трасата сè уште не е дефинирана. Па дури потоа следи изработка на основен проект, а откако ќе биде изработен основниот проект, ревизија на истиот, па дури потоа аплицирање за одобрение на градба заедно со сите оние придружни дозволи. Ако сакате да почнете градба на куќа морате да извадите дозвола и да добиете одобрение за градење. Но, тие сакаат овој историски проект, како што тие го нарекоа, да го почнат без одобрение за градба, односно без основен проект што би бил ревидиран и придружен заедно со сите оние одобренија што следат во согласност со законот – истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека луѓето од власта не дадоа одговор на ниту една дилема која е покрената во јавноста во врска со договорот со „Бехтел и Енка“.

– На ниту една дилема што јавно ја кажавме во јавноста не добивме одговор. Видовме две невистини и слушнавме две невистини. Првата се однесуваше на тоа дека зад овој договор стојат владите на двата стратешки партнери на Македонија, а тоа се САД и Турција, но јасно дојде демантот од амбасадата на еден од овие два стратешки партнери дека ниту е запознаена, ниту пак учествувала во изработката на овој договор кој што јавноста сè уште го нема видено, а ние го добивме од свиркачи – потенцира Мицкоски.

Според него, втората невистина се однесува за работната недела и бројот на работници.

– Нели велеа дека бројот на работници ќе бил мнозински од Македонија, односно македонски работници ќе биле мнозинството итн. Александар Николоски објави дијаграми во кои што се гледа дека и во самиот договор вклучен е бројот на работници од Македонија да биде не повеќе од 30%. Иако СДСМ тврдеше дека тоа не е точно, самиот Ковачевски ја демантираше СДСМ велејќи, да тоа е точно, но бројот на компаниите коишто ќе бидат од Македонија, а кои што ќе учествуваат во проектот бил повеќе од 50 %, односно 51 %. Јавно го поставувам прашањето зашто тогаш ни е потребен ваков договор – потенцира Мицкоски.

(С.Бл.)