Таа тргувала со грабнати деца, а за 26 години во нејзината установа поради злоставување умрело секое десетто дете…

Религиозните луѓе кои знаат за нејзиниот случај тешко дека ќе речат оти нејзината душа почива во мир. Ни по 59 години од смртта на Џорџија Тан споменот за неа се уште не бледнее, а најновите документи и сведоштва за жената која масовно тргувала со деца во САД се појавија пролетоска – прво како епизода во документарната радио серија „Криминал“ на ВУНК, а потоа тоа ги поттикна и другите медиуми кои третираат теми од црната хронка.

Бизнисот на Џорџија Тан цветал 26 години, од 1924 до 1950 година. Се проценува дека за две и пол децении грабната, односно украла од родителите околу 5000 бебиња и ги препродала во нови семејства.

Децата ги крадела од оние од кои било најлесно – од сиромашните семејства. А иако за тоа нема непобитни докази, не е исклучено дека со овој криминал се занимавала и подолго време.

Имала 33 години кога во 1924 година од Мисисипи се доселила во Мемфис во Тенеси и добила водечко место во организација за пронаоѓање нови родители за незгрижени деца. Организацијата се викала Здружение на детски дом во Тенеси, а до тој момент својот дел од работата за пронаоѓање посвојувачи за децата од новите родители го наплаќала 7 долари.

Скрмниот износ на добротворната организација и служел за да може да функционира. Но, за Џорџија Тан ова било премногу скромно.

По нејзиното доаѓање работите веднаш се промениле. Наеднаш експлодирал бројот на посвоени деца. Но не какви било и каде било. Подоцна ќе излезе дека 80 отсто од посвоените деца преку организацијата на Џорџија Тан оделе кај посвојувачи во Њујорк и во Калифорнја, во богатите делови од САД.

Ќе излезе дека нејзиниот бизнис најдобро цветал од 1940 до 1950 година кога продала околу 3000 деца, што значи безмалку по едно дневно.

Продавала само бели деца, а на пазарот особено добро поминувале оние со руса коса и сини очи. Но прашање е колку долго некој кој се занимава со ваква криминална работа може да остане незабележан.

Веројатно е дека Џорџија Тан ги крадела децата од оние семејства кои и онака имале многу деца, па била убедена дека никој нема да забележи ако едно недостасува. Освен тоа, сиромашните немале ни можности ни пари да започнат истрага за своите исчезнати деца.

Дури и ако пријавата за исчезнување стасала до полицијата, влијателните пријатели на Џорџија Тан ќе се погрижеле се да се прикрие. Во тоа посебно и помагал тогашниот градоначалник на Мемфис, Е.Х. Крамп, исклучително моќен и влијателен човек. А што било најлошо, полицијата понекогаш и помагала во грабнувањата.

Тан не ги пикирала само сиромашните семејства. Имала добар увид и за децата кои се раѓале во затворите или душевните болници, а во некои случаи Тан не била сигурна дека децата воопшто и биле родени во болница. Битно било само нејзините „добавувачи“ да набават бебе, работата да е законски поткрепена, а на биолошките родители им соопштувале дека бебето умрело.

Кога ќе се дограбела до дете, го продавала, а својот бизнис дури и го огласувала во весниците. Во тоа време, поимотните брачни двојки од Њјорк или Лос Анџелес биле подготвени да платат големи суми само за да можат да посвојат дете. Така, пресметано во денешна вредност, за едно дете плаќале и по 70.000 долари.

Секако, станувало збор за луѓе кои родителството го доживувале како нешто што се порачува – сакале дете со одредена боја на коса, очи… Скраја да станува збор за дете со африканско или азиско потекло или за Латиноамериканче.

И додека Џорџија Тан пливала во пари, се уште не заработувала онолку колку што всушност можела. Страшен е податокот дека децата во нејзиниот Детски дом престојувале во толку грозни услови што испоумреле дури 500 деца.

Причината за умирањето на децата биле глад,болести, злоставување, студ, а понекогаш и самата Џорџија ги убивала децата кои потоа биле погребувани во неозначени гробови.

За сето ова конечно се дознало кога Гордон Браунинг, инаку политички противник на нејзиниот пријател Крамп, бил избран за гувернер на Тенеси. Многу бргу ги поврзал конците од оваа стравична приказна и започнал истрага.

Тан добро знаела дека без Крамп на власт може да се збогува со нејзиниот валкан бизнис и дека би ја открила секоја просечна истрага, сеедно колку би била површна. Но, заслужената казна сепак не ја дочекала.

Умрела од последици на рак на матката само два дена по започнувањето на истрагата. Два месеца подоцна овој Детски дом во Тенеси е затворен. Единственото нешто добро што произлегло од сето ова е што Џорџија Тан ја популаризирала идејата за посвојување деца, иако тоа го правела на крајно нехуман, криминален начин.

Во следните децении, американската јавност посведочи за случаи во кои децата си ги бараа своите биолошки родители од кои биле грабнати од страна на Џорџија Тан. Исходот бил дека нивните биолошки родители во најголем број од случаите не ги запоставувале своите деца, биле живи и здрави, и трагале по своите исчезнати малечки.