Сè беше јасно од моментот кога се појави на овогодишниот НБА драфт. Никој друг не можеше да биде прв избор пред Зион Вилијамсон, кој со својата висина од 201 сантиметар и тежина од 130 килограми е најавен како вистински „ѕвер“ во најквалитетното клупско кошаркарско натпреварување.

Иако сè беше јасно како ден, кошаркарот на Дјук не можеше да се воздржи кога слушна како сопственикот на НБА лигата, Адам Силвер, го изговара неговото име за прв пик на драфтот.

  • Не знам што да кажам…. Не мислев дека ќе бидам на оваа позиција. Мојата мајка многу се жртвуваше за мене, без неа не би бил тука. Целосно ги занемари своите соништа за да ги оствари моите, изјави емотивно Вилијамсон.

Вилијамсон е чудо на природата, а примероците на човечките особини говорат дека вакво дете се раѓа еднаш во сто години. Тој физички потсетува на Леброн Џејмс, а што се однесува до неговата игра не е толку креативен, но затоа има нешто подобар шут во однос на „Кралот“ кој имаше на негови години.

Во редовите на „пеликаните“ Вилијамсон ќе биде предводник на новата плејада млади кошаркари, пред сè поради трејдот на Ентони Дејвис во Лос Анџелес Лејкерс, а многумина прогнозираат дека уште во првата сезона тој ќе биде „Ол – стар“ играч.

Идентични се очекувањата и околу вториот пик, кој беше избран од страна на Мемфис, а станува збор за плејмејкерот Џамел Морант, кој доаѓа од универзитетот „Мареј“. Третиот пик му припадна на Њујорк, кој го зема соиграчот на Зион од Дјук, Канаѓанецот РЈ Барет.