Македонска плескавица и виски за Горан Бреговиќ – По завчерашниот настап на славниот музичар во Гевгелија

533

Во убавата медитеранска Гевгелија, во дискотеката „Де факто“, за прв пат, а на патот од Виена кон бугарскиот Благоевград, музичката „банда“ наречена „Оркестар за венчавки и погреби“, составена од музичари од Србија, а предводена од легендарниот Горан Бреговиќ, вчеравечер одржа фантастичен концерт. За Горан Бреговиќ, поранешниот шеф на „Бијело дугме“, музичар кој за себе вели дека не е ниту Србин, ниту Хрват, ниту Босанец, но има три куќи – и во Белград, и во Загреб и во Сараево и дека неговата татковина е помеѓу тие три града, се знае речиси сè. Денес е на 72-годишна возраст, но сè уште постојано настапува. И не мисли да им каже „збогум“ на настапите во живо, не сака да се пензионира.

Со него се сретнавме деновиве накусо (тајмингот беше таков), да ми се потпише и на црно-белата фотографија, која сега е историска, и е направена пред триесетина години во Скопје, кога колегата Дуле Миќиќ имаше интервју со него за тогаш многу популарниот македонски неделник „М-Експрес“, а јас добив екслузивна изјава за Втората програма на Македонското радио.
Откако направивме муабет, тој замина да се одмори во собата во луксузниот хотел „Фламинго“, притоа нарачувајќи македонска плескавица, нормално без кромид. А, вискито го остави за „освежување“ во текот на настапот.
На самиот концерт, кој беше една општонародна веселба, слушнавме претежно материјал од неговиот последен албум „Три писма од Сараево“, од операта „Кармен со среќен крај“ и, се разбира, песните од славното „Бијело дугме“. Само за читателите на ВЕЧЕР, откривам десет мисли на овој незавршен „филозоф“ од Сараево, за Горан Бреговиќ.

– Татко ми беше алкохоличар и се разведе од мајка ми кога имав десет години. Мислам дека татковците не се неопходни во животот, не се знае зошто служат. Мајка ми почина додека бев во ЈНА во Ниш. Таа ми ја купи првата гитара и со тоа направи да се запишам на Ликовната академија, затоа што мојата тетка ѝ кажа дека таму учат само п….и (ха, ха, ха)! По убедување сум левичар, ги сакам слободата, еднаквоста и правдата. Па и Исус бил левичар ако подобро размислите. Сè уште не сум уморен од рокенролот, уморен сум од тоа што сум Горан Бреговиќ. Затоа што по сето она што го сонуваш, да си богат, да имаш многу девојки околу себе, по неколку години ти здосадува.                                                                                                                 Не пишувам повеќе ниту тажни ниту љубовни песни и не на српскохрватски јазик. Пишувам на ромски јазик. Операта „Кармен со среќен крај“ е напишана на ромски. Единствената модерна музика на овие балкански простори е ромската, сето друго, вклучувајќи ги и песните на „Бијело дугме“, освен оние што се базираа на фолклорот, мирисаат на провинција. Можеби, наскоро ќе прогласам свој музички фајронт и ќе заминам во пензија во загорското село на татко ми. Ќе правам вино што мојот татко го пиеше, по 1.000 литри годишно.

Албумот „Три писма од Сараево“ е адресиран на трите религии со кои израснав. Веројатно, со тоа сакав да го наплатам мојот долг на немобилизиран војник од последната ужасна војна на овие простори. Ако ме прашате: „Каде, ти Бреговиќ, би излегол навечер“, јас би ви одговорил дека би заминал да свирам со мојот оркестар. Затоа секогаш облекувам бел костум на концертите.   Љ. Алексовски