Македонската кошаркарска репрезентација ја чека нов предизвик во квалификациите за Светското првенство во 2023 година. По поразот од Шпанија пред три дена во Скопје (65:94), „црвено-жолтите“ вечерва во 18 часот и гостуваат на Украина во Киев.

  • Резултатот од дуелот со Шпанија не е важен, важен е карактерот на играчите кои се доста борбени. Во периодот што следи мора да најдеме решение за проблемите кои ги воочивме денес и да го градиме тимот за тоа што не очекува во периодот што следи како за овие квалификации за Светското првенство, така и за Евробаскет, истакна селекторот на Македонија, Драган Бајиќ.

Се очекува нашата селекција да се покаже во далеку подобро светло на мечот со Украина, а на истото се надева и американскиот кошаркар, Џејкоб Вајли, кој ги брани боите на Македонија.

  • Шпанија е одлична екипа. Горд сум на младите кошаркари, кои се покажаа на теренот. Очекувам да извлечеме поука од натпреварот пред мечот против Украина, додаде Вајли.

Селекторот Бајиќ за првиот квалификациски „прозорец“ на ФИБА, реши да ја подмлади нашата селекција, па во составот беше 17-годишниот Теодор Симиќ, кој доби солидна минутажа на мечот со „фуријата“. За квалитетите на Симиќ, пофални зборови искажа и селекторот на Шпанија, Серхио Скариоло.

  • Знаевме дека Симиќ е максимално талентиран, бидејќи Барселона не ангажира кошаркари кои не се квалитетни. Задоволен сум од неговата игра и сигурен сум дека ќе стане одличен играч, само да почне да скока повеќе за играч од неговата позиција. Тој веќе е фантастичен кошаркар, само треба да продолжи да работи напорно, изјави Скариоло.