Македонија како никогаш досега има шанса да се врати со медал од ЛОИ

186

Македонската олимписка делегација веќе в петок патува за Токио, каде од 23 јули до 8. август ќе се одржат Летните олимписки игри.  Македонија ќе ја претставуваа осуммина спортисти во седум спортови.

Најмлада македонска олимпијка во Токио ќе биде Миа Блажевска – Еминова (15). Таа ќе настапи во трка на 100 метри слободно, а македонски претставник во пливање ќе биде и Филип Деркоски на 400 метри. Борјан Бранковски ќе не претставува во спортско стрелаштво, во дисциплината спортски пиштол од 10 метри, Во таеквондо ќе не претставува Дејан Георгиевски (над 80 килограми), кој заедно со борачот Могамедгаджи Нуров (слободен стил до 96 килограми) имаат најголеми шанси да се вратат со медал. Во карате македонска претставничка ќе биде Пулексенија Јовановска (ката), Арбреша Реџепи во џудо (52 килограми), додека во атлетика ќе не претставува Јован Стојоски, во дисциплината на 400 метри.

Македонското знаме на отварањето ќе го носи Дејан Георгиевски, а според новите правила на ИОК,  знамето ќе треба да биде носено од страна на двата пола, од натпреварувачките на таеквондистот друштво ќе му прави џудистката Арбреша Реџепи.

-Мојата цел не е само да учествувам на Олимписките игри, туку да освојам медал. Јас во Токио ќе бидам еден од 16 – те најдобри таеквондисти. Повеќето од моите противници таму ги имам победувано претходно и верувам декам можам да се вратам со медал, не со било каков, со злато. Едноставно на овие Олимписки игри сигурен сум дека можам да го победам секој противиник, изјави нашиот најголем адут за медал во Токио, Георгиевски.

Први од македонските спортисти ќе настапат Деркоски и Бранковски и тоа на 24 јули, а следниот ден на борилиштата ќе се појави Реџепи. Георгиевски ќе настапи на 27 јули, а истиот ден ќе се одржат и борбите за медал во неговата категорија. Миа Блажевска Еминова ќе плива на 28 јули, Стојоски ќе настапи на 1 август. Пулексенија на 5 август, а последен во Токио ќе настапи Нуров, чии борби во осмина финалето започнуват на 6 август.

Македонските претставници на оваа Олимпијада ќе патуваат во три групи, првата група од шест спортисти и нивните тренери патуваат в петок, потоа ќе пристигне каратистката Пуликсенија со својот тренер, а последен во Токио ќе слета борачот Нуров.

Македонските спортисти ќе бидат тестирани три пати во првите три дена на коронавирус, а во Олимпиското село ќе може да влезат исто така по три негативни теста, првите два дома и еден по пристигнувањето во Токио. (С.Т)

Фото: П. Стојановски