Никогаш претходно македонската фудбалска репрезентација не била толку близу до пласман на Светско првенство, но за реализација на оваа цел „црвено-жолтите“ ќе имаат исклучително тешка задача во баражот. Прво, во полуфиналето ќе мора да го елиминираат европскиот шампион Италија, а доколку успеат во тоа, ги чека нов супер дуел со подобриот од мечот меѓу Португалија и Турција.

Рака на срце, немавме среќа при баражот, бидејќи мора да го минеме најтешкиот пат до СП кога е во прашање баражот, но она што ветува и што нè прави среќни е тоа што нашата селекција денес може да се носи со секого, па дури и со репрезентациите кои се при самиот врв на ФИФА ранг-листата.

Имаме генерација фудбалери, како Елиф Елмас, Енис Барди, Тихомир Костадинов…, кои сосема заслужено се наметнаа во репрезентацијата како главни двигатели на играта, но според зборовите на легендарниот фудбалер Јовче Џипунов, нашата селекција за неколку години ќе биде уште посилна, уште помоќна на теренот.

ФОТО: Наке БАТЕВ

Зборовите на Џипунов имаат тежина ако се земе предвид дека од неговата фудбалска школа „Форца“ изминатата деценија излегоа голем број таленти, како Елмас, Дарко Чурлинов…, кои денес гордо го носат македонскиот дрес и се главни „виновници“ за убавата игра која ја краси нашата селекција. Но, како што и самиот вели, за една деценија нашата селекција се очекува да биде далеку посилна од оваа со талентите кои доаѓаат, а меѓу нив е и единаесетгодишниот Ридван Селими, младиот фудбалер од школата „Форца“, кој е страв и трепет по левата страна на теренот.

Како што можевме да видиме на тренинзите и натпреварите, станува збор за играч за врска кој го краси дриблингот, одлично се снаоѓа на мал простор и мудро размислува за секој потег, има чувство за навремено и точно додавање, што е главен предуслов за да стане еден од најдобрите. Ако се оди во најдобар ред и продолжи да напредува со исто темпо, се очекува за помалку од една деценија да биде дел од сениорскиот националниот тим, а претходно да се калеми и во младинската репрезентација.

Иако е сè уште дете, сепак ова мало момче размислува како искусен фудбалер.

  • Кога ќе излезам на терен, имам почит кон секој противник, но мене ме краси дриблингот, па затоа често знам да „ги изместам“ противниците од колосек, се пошегува малиот Ридван, па додаде:
  • Никогаш не ја гледам индивидуалната статистика, туку сакам тимот да победи. Фудбалот е игра каде што победува колективот, а не индивидуалците. Засега не размислувам во кој правец треба да се движи мојата кариера, одиме чекор по чекор, а патот сам ќе се отвора. Мое е да тренирам и да го давам максимумот на секој тренинг, а останатото го оставам за во иднина. Моја прв играчка беше топката и сигурен сум дека таа ќе ми остане и единствената пасија во животот. Секојдневно тренирам и тоа е она што ме исполнува.

Кога е во прашање клубот за кој навива, тука дилема нема – екипата на ПСЖ.

  • Навивам за ПСЖ бидејќи во него игра најдобриот фудбалер на денешницата, Лео Меси. Може да се каже дека претходно навивав за Барселона токму поради него, но сега сум за ПСЖ. Но, од друга страна кога би требал да изберам лига во која би сакал да настапувам, тоа би била Ла Лига или Премиер лигата, бидејќи се игра на едно повисоко ниво, ги има најдобрите клубови, додаде членот на „Форца“.

Моментно го тренира човекот кој има чувство за создавање и препознавање таленти (Јовче Џипунов), што може да се каже дека е во одлични раце.

  • Тренерот бара многу од нас, но тоа е разбирливо, бидејќи сака да не направи што подобри фудбалери. Дури и некогаш кога ќе го повиши тонот на мене, тоа не го гледам како навреда, туку ми дава желба уште повеќе да работам, да тренирам, истакна левоногото фудбалерче.

И тренерот Џипунов имаше само пофални зборови за младиот Селими.

  • Можам да кажам дека се работи за едно од најквалитетните деца на оваа генерација. Со неговиот развој во иднина, доколку тренира редовно и се придржува до принципите кои со себе ги носи фудбалската игра, верувам дека ќе направи многу во фудбалот. Секојдневно го следам како напредува и тоа ме прави среќен. Знаете како е, само упорноста и напорната работа даваат резултати. Не може од прво одделение да одите директно во осмо, сè си има процедура. Инаку, целата генерација е доста силна и мислам дека тие ќе бидат идните репрезентативци на Македонија, потенцира Џипунов.

Тој исто така додаде дека оваа генерација која моментно ја тренира ветува многу.

  • Мислам дека децата кои моментно ги имам во школата се уште подобри од оние кои сум ги имал во минатото. Ова се деца кои со своите години и посветеност ми велат дека се идните репрезентативци. Квалитетот е голем и се надевам дека во иднина ќе останат на вистинскиот пат кој води кон репрезентацијата, но до тогаш има уште многу макотрпна работа пред нив. Досега толку силна генерација не сум тренирал и во исто време сигурен сум дека дел од овие деца ќе направат успешни интернационални кариери, заврши Џипунов.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ